Папата ги прими новите амбасадори при Светиот Престол

Папата ги прими новите амбасадори при Светиот Престол

Мир, помирување, прифаќање на мигрантите – се главните теми во говорот на папата Фрањо со кој им се обрати на новите амбасадори при Светиот Престол, кој ги прими во аудиенција на 17 мај 2018 година.

Светиот Отец ги охрабри, но и предупреди да работат за доброто и тоа со одлуки обележани со сочувство, визија и храброст.

Пред новите амбасадори од Танзанија, Лесото, Пакистан, Монголија, Данска, Етиопија и Финска акредитирани при Светиот Престол, Папата веднаш на почетокот од говорот го истакна темелот на одговорноста и улогата на меѓународната дипломатија, секогаш да се свртени кон промовирање на праведноста и хармонијата. Но, никогаш – според зборовите на Папата – не треба да се одалечуваме од единството на човечкото семејство и од достоинството на секој нејзин член.

Целосен развој

Заради тоа Црквата е уверена дека целта на дипломатските активности треба да биде развојот и тоа целосниот развој на секој човек, маж и жена, дете и стар човек, како и на цели народи во општата рамка на дијалогот и соработката во служба на општото добро.

Соочување со рамнодушноста

Седумдесет години по усвојувањето на Општата конвенција за човековите права од ООН, папата Фрањо потсети дека е потребно да се примени новиот дух на солидарноста во однос на сите наши браќа и сестри посебно оние кои стрaдаат заради сиромаштво, болест и експлоатација. Никој не може да ја занемари нашата морална одговорност во соочувањето со глобализацијата на рамнодушноста и правејќи се дека не се гледаат трагичните случаи на неправда кои бараат брз хуманитарен одговор – истакна Папата.

Мигрантите во центарот

Меѓу најитните проблеми на меѓународната заедница со кои и новите амбасадори треба да се соочат се наоѓа проблемот со бегалците и мигрантите кои се принудени да побегнат од војните и до гладот, кои се прогонети или погодени од сиромаштво и уништување, меѓу останатото и на животната средина заради што се присилени да го напуштат својот дом и земја. Тој проблем има важна етичка димензија која ги надминува националните граници и ограничениte сфаќања на сигурноста и сопствениот интерес. И покрај слоевитоста и чувствителноста на политичките и општествените прашања, поединечни земји и меѓународната заедница се повикани да го дадат својот најдобар можен придонес за помирување и воспоставување на мир преку одлуки и политики кои најмногу се обележани со сочувство, визија и храброст.

Соработка без насилство и измама

Во време на овие епохални промени кои од сите на кои на срцето им е мирна и среќна иднина на идните генерации бара мудрост и расудување, Папата бара соработка на сите луѓе за да се прекинат сите војни. Мојата желба е – рече – вашето присуство и делување во дипломатската заедница при Светиот Престол да придонесе за зајакнување на духот на соработката и взаемното учество кои се важни од аспект на делотворниот одговор на денешните радикални предизвици. Црквата пак од своја страна уверена во одговорноста која ја имаме едни за други, го промовира секој напор насочен кон соработка, без насилство и без измами, во градењето на свет во духот на праведното братството и мирот – рече на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот