Духовден е полнотата на Велигден и е најсилниот ефект од Воскресението Христово. Христос умре и воскресна токму затоа да ни го даде Светиот Дух. Со слегнувањето на Светиот Дух целосно се реализира Христовото дело и дава смисла на спасението кое Христос го обезбеди со својата смрт и своето воскресение. На кратко, доколку не би ни бил пратен Светиот Дух, Христовото дело би било нецелосно. Ова дело се исполнува со доаѓањето на Светиот Дух кое пoнатаму продолжува во Црквата. Во евхаристиската молитва се моли: ова е денот во кој слегнувањето на Светиот Дух ја основа Црквата како сакрамент за единство за сите народи. Црквата е родена со слегнувањето на Светиот Дух така што токму со Педесетницата ја започнува својата голема мисија во историјата. Откако Црквата ја започнала својата историска мисија, Христовото дело се комплетира, затоа што неговото дело сега продолжува во Црквата, управувана и просветлена од Светиот Дух.
Овој свечен празник „Духовден“ не поканува свечено да исповедаме: веруваме во Црквата, како универзален сакрамент на спасението, како што не потсетува Вториот Ватикански Собор.
Но што значи дека Црквата е универзален сакрамент на спасението? Тоа значи три работи:
- Црквата е знак и алатка на заедништвото помеѓу нас и Бог и помеѓу целиот човечки род. Црквата е место на средба со Бога. Како што нѐ потсетува Вториот Ватикански Собор, Црквата е една Богочовечка реалност, т.е. составена од Бога и од луѓето. Вистина е дека честопати се концентрираме на луѓето, и остануваме згрозени од слобостите и од гревовите на членовите на Црквата, но никогаш да не заборавиме дека во Црквата е присутен Бог; Црквата е место на средба со Бога.
- Црквата е место на Христовото присуство. Во Црквата е присутен Исус Христос и Христос го среќаваме во Црквата. Ако сакам да го сретнам Воскреснатиот Христос, еве ја Црквата, која Тој ни ја остави за да го сретнеме. Не може да се одвои Христос од Црквата, ниту пак Црквата од Христос.
- Црквата е место на моќното делување на Светиот Дух. Во Црквата го искусуваме Светиот Дух. Вистина е дека Духот дува каде што сака и како што сака, но Црквата е привилигирано место на ова присуство. Црквата е родена од Светиот Дух и во Црквата Светиот Дух секогаш ослободува нови енергии, преку Светите Тајни и различните харизми произлезени од Него.
На овој свечен празник да ја обновиме нашата вера во Светиот Дух благодарение на Кој Црквата е родена, земајќи си три обврски:
- Да ја сакаме Црквата, како место на Христовото присуство;
- Да ја браниме Црквата од многубројните напади;
- Да се посветиме на Црквата за да бидеме посветители и сведоци на Христовата љубов во светот денес.
Дева Марија, Христовата Мајка, да ни помогне да ги извршуваме овие обврски: Дојди, Душе Свети, дојди преку Марија.
Сандро Сирна/З.А.