Дикастеријата за наука на верата објави документ насловен Venite ad Me: Размислувања за пренесувањето на верата во епохална промена, во кој се разгледува како Црквата треба да посвети поголемо внимание на евангелизацијата на возрасните, покрај катехезата на децата и младите.
Во време на епохални промени, обележани со криза во пренесувањето на верата, „верниците треба да започнат обновен период на навестување на Евангелието“, ставајќи ја во неговото средиште првата објава, керигмата: „Исус Христос те љуби; Тој го даде Својот живот за да те спаси; и сега живее покрај тебе секој ден за да те просветлува, зајакнува и ослободува“ (Evangelii gaudium, бр. 164).
Тоа е централниот повик на документот Venite ad Me: Размислувања за пренесувањето на верата во епохална промена, објавен во четврток, 22 октомври, од Дикастеријата за наука на верата.
Документот се состои од осум поглавја, вовед и заклучок. Во голема мера се потпира на учењето на папите, особено на папата Лав XIV и папата Фрањо, како и на Вториот ватикански собор и на други црковни документи.
Текстот појаснува дека станува збор за збир на размислувања, а не за доктринарна белешка. Затоа, се разгледуваат „различни гледишта, без притоа да се тврди дека прашањето е конечно решено, бидејќи тоа останува отворено за понатамошно проучување и развој“.
Неговата конкретна цел е да предложи „практични патишта за навестување на керигмата среде епохалната промена во која живееме“.
Документот е одобрен од папата Лав XIV на 21 август 2026 година, а го потпишаа кардинал Виктор Мануел Фернандез, префект на Дикастеријата за наука на верата, и монсињор Армандо Матео, секретар на Доктринарната секција на Дикастеријата.
Во подготовката значаен придонес дале повеќе епископски конференции, како и сведоштва, доставени од бискупи, на луѓе кои Го откриле или повторно Го откриле Господ Исус. Овие сведоштва се вклучени во последното поглавје од документот.
Сведоштво за личната средба со Христос
Почетната точка на документот е Исусовиот повик од Евангелието според Матеј: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“.
Како што се истакнува во заклучокот, документот „ги повикува верниците да се вратат кон сржта на наследството на христијанската вера. Керигмата, всушност, е нејзината централна содржина“, која „ги осветлува сите содржини на depositum fidei, водејќи ги луѓето кон искуството на лична и заедничка средба со живиот Христос“.
Овој повик го зема предвид и фактот дека во некои делови од светот пренесувањето на верата „целосно престанало“.
Да се навестува Божјата љубов на сите
Првото поглавје започнува со нагласувањето дека „Исус е вистинската светлина што го просветлува секој човек“.
Потоа следува: „Ова е добрата вест на Евангелието на Синот: Бог е љубов, засекогаш и за сите“.
Верата, се нагласува во документот, „не се пренесува првенствено како збир од доктринарни содржини или религиозни информации“, туку „како облик на црковен живот во кој верникот постепено се воведува“.
Пасторална грижа и за возрасните, а не само за децата и младите
Разгледувајќи го начинот на кој се пренесува верата, документот истакнува дека Црквата „расте преку привлечност“, дека семејството е „првото и најважното место за пренесување на верата“ и дека од суштинско значење е соработката меѓу Црквата и семејството.
Сепак, се признава дека пренесувањето на верата во семејствата „е прекинато во многу делови од светот“.
Следствено, „пренесувањето на искуството на христијанската вера на новите генерации повеќе не се случува, така да се каже, автоматски“.
„Дури потоа, како втора фаза, црковната заедница влегува во процесот на пренесување на верата“, се додава во документот.
Во земјите со долга христијанска традиција, се забележува понатаму, контекстот за пренесување на верата денес е значително ослабен, бидејќи сè повеќе е обележан со присуството на „крстени лица чии животи не ги одразуваат барањата на Крштението“, кои немаат значаен однос со Црквата и повеќе не ја чувствуваат утехата што произлегува од верата.
Пред оваа реалност, документот истакнува дека „пренесувањето на верата денес бара, на посебен начин, евангелизација на возрасните и надминување на пасторалниот пристап насочен исклучиво кон катехезата на децата и младите“.
Епохална промена
Третото поглавје се задржува на контекстот во кој се случува сето ова, односно на епохалната промена што ја живееме.
Во Magnifica humanitas, папата Лав XIV ја нагласува итноста да се постават прашањата каде се движи човештвото и кој пат треба да го избере во услови на овие промени.
Една од најизразените карактеристики, особено на Запад, е „кризата на меѓугенерациското пренесување на христијанската вера“.
Во документот се забележува дека „сè помалку родители ја исполнуваат својата одговорност да ги воведуваат своите деца во живата светлина на евангелската порака“.
Понатаму се вели дека „токму од такви семејни средини доаѓаат многу млади мажи и жени кои, иако биле дел од католички парохиски заедници, на крајот влегуваат во зрелоста во состојба на значителна верска рамнодушност“.
Нова култура што ја ограничува верата на приватната сфера
„Кризата на модерноста, која е една од одликите на оваа епохална промена, придонесе за создавање нова култура која се натпреварува со традиционалните структури преку кои се пренесувала верата“, се истакнува во документот.
Преовладувачката тенденција на оваа култура изгледа дека е возвишувањето на „суверенитетот на сопственото јас“.
Тоа е една од најјасните манифестации на процесот на секуларизација, кој има тенденција верата и Црквата да ги ограничи на приватната и личната сфера.
Предизвикот е антрополошки, а не технолошки
Друг знак на епохалната промена е ширењето на дигиталните технологии. Вештачката интелигенција не влијае само врз информациските екосистеми, туку сè повеќе навлегува и во меѓучовечките односи.
„Затоа, предизвикот не е технолошки, туку антрополошки“, напиша папата Лав XIV во својата порака за Светскиот ден на комуникациите во 2026 година.
Со растот на преобраќањата расте и предизвикот на истрајноста
Точно е дека во некои силно секуларизирани делови од светот се забележува пораст на преобраќањата и на бројот на луѓе кои се враќаат во Црквата.
Сепак, „паралелно постои и тешкотија во однос на истрајноста на новокрстените, кои често, само кратко време по примањето на Крштението, повторно се враќаат во состојба на практична рамнодушност“.
Затоа, ваквата состојба „бара повторно откривање на важноста на заедницата во прифаќањето и придружувањето на новите членови на верниот народ“.
Централното место на керигмата
Документот ја нагласува потребата од „длабока керигматска обнова на катехезата“.
Тоа бара внимание и кон јазикот, кој треба да биде обележан со „обраќање од срце“, како и кон вистински ангажиран меѓучовечки однос.
Навестувањето на керигмата мора „да биде способно да ја претстави добрата вест за Божјата љубов и милосрдие на таков начин што оние кои ја примаат навистина ќе разберат дека токму кон нив се насочени таа љубов и тоа милосрдие“.
Заедницата, Божјото Слово, литургијата и сведоштвото
Петтото поглавје се фокусира на важноста на христијанската заедница, Божјото Слово, литургијата и сведоштвото.
Во документот се нагласува дека „особено во земјите со долга историја на евангелизација, апсолутно е итно во секоја црковна заедница да се поттикнува создавањето групи посветени на слушање, размислување, споделување и молитва со Божјото Слово, со редовно одредени средби, како дополнување на славењето на неделната Евхаристија“.
Второто размислување се однесува на литургијата. „Ако срцето на христијанското навестување е средбата со Божјата спасителна љубов во Христос, тогаш литургијата е привилегираното место во кое оваа тајна се слави и светотаински се пренесува.“
Третиот суштински аспект е сведоштвото на верниците, кое има три димензии: „сведоштво на светоста, сведоштво на близината и сведоштво на претпочитаната определба за сиромашните“.
Четвртото размислување се однесува на уметноста и убавината, со особено внимание кон музиката.
Верата и културата
Текстот се осврнува и на инкултурацијата на верата, која „претставува неопходен чекор во нејзиното пренесување“.
Социјалната наука на Црквата се посочува како особено значаен пример што може да помогне во развивањето разумен и убедлив начин на претставување на верата.
Посебни области на внимание
Првата посебна област на внимание е народната побожност, која „и денес останува важно средство за пренесување на верата“.
Значење имаат и традиционалните и поновите форми на поклонение, како и желбата за припадност кон братства и црковни здруженија.
Документот потоа ја нагласува улогата на проповедта, а волонтерската работа ја посочува како можност за приближување кон животот на Црквата.
Исто така, се истакнува „потребата да се прошират можностите за учество на жените во водењето на црковните процеси“.
Заклучок
Овие размислувања сакаат повторно да ја потврдат вистината дека Христос е вистинската светлина.
„Сега е наша задача истиот овој дар да им го пренесеме на мажите и жените од нашето време“, поттикнува документот.
И тие, се додава, чекаат „можност нивните животи повторно да се разгорат
Ватикан њуз/к.мк

