Папата Фрањо: Мораме да го научиме патот до вистинската понизност

Папата Фрањо: Мораме да го научиме патот до вистинската понизност

Во денешното обраќање пред молитвата Ангел Господов, Светиот Отец се осврна на неделното Евангелие во кое се зборува за два вида на однесување: барањето на први места и поканување на гости кои не можат да ни возвратат.

Мораме да го научиме патот до вистинската понизност – рече папата Фрањо во недела 1 септември 2019 година во говорот пред молитвата Ангел Господов на плоштадот Свети Петар. Тоа евангелие ни зборува како Исус е на гозба во една куќа кај еден од фарисејските старешини и забележа како поканетите ги избираат првите места (Лука 14,1.7-14). Тоа однесување прилично е распространето, па и во наше време, и тоа не само кога сме поканети на ручек – рече Папата и додаде: Бараме први места како би ја истакнале својата надмоќ над другите. Меѓутоа трчањето за првите места наштетува на граѓанската и црковната заедница, затоа што го уништува братството. Соочувајќи се со тој призор Исус кажува две кратки приказни.

Првата ја упатува на оние кои се поканети на свадбата и ги поттикнува да не ги заземаат првите места „за да не влезе некој од гостите со поголема чест од тебе, и, да не дојде оној, што ве поканил и тебе и него, па да рече: „Отстапи го местото на овој!“ – рече Светиот Отец и напомена: Меѓутоа Исус нѐ учи на спротивно однесување: „Но, кога ќе бидеш поканет, отиди и седни на последното место, та оној, што те поканил, штом дојде, да ти каже: Пријателе, премести се погоре!“ Значи не треба само да бараме почит и внимание од другите, туку препушти другите да ни ги дадат.

Исус секогаш ни го покажува патот на понизноста, мораме да го научиме патот на понизноста, затоа што тоа е најавтентичниот пат кој ни овозможува најавтентични односи – рече папата Фрањо и потсети: Во другата приказна Исус се обраќа до оној кој поканува, осврнувајќи се на начинот како да ги одбира гостите и му вели: „Кога даваш ручек или вечера, не кани ги пријателите свои, ниту браќата свои, ни роднините свои, ниту богатите соседи за да не те поканат и тие некогаш и да ти вратат. Но, кога даваш гозба, повикај ги сиромасите, хромите, слепите, и ќе бидеш блажен, оти тие не можат да ти вратат.“ И тука Исус оди потполно против струјата, како и секогаш покажувајќи ја логиката на Бог Отецот, и додава и клуч за толкување на тој говор: „Ќе ти биде отплатено при воскресението на праведните.”

Тоа значи дека оној кој така се однесува ја прима Божјата награда, многу поголема од човечкото возвраќање кое го очекува. Имено човечкото возвраќање обично ги расипува односите, воведувајќи лични интереси во однос кој би требало да биде великодушен и бесплатен. Исус пак повикува на великодушност без интерес, како би ни го отворил патот кон многу поголема радост; онаа да бидеме соработници на самата Божја љубов, која сите нас нѐ чека на небесната гозба.

Нека Девица Марија, понизна и најголема меѓу созданијата, ни помогне да се препознаме такви какви што сме, односно мали и да се радуваме во дарувањето, не очекувајќи возврат – рече на крајот папата Фрањо.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот