Да го следиш Исус значи да го одбиеш световниот менталитет

Да Го следиш Исус значи да го земеш сопствениот крст и да го придружуваш на неговиот пат кој не е пат на земски успех, туку пат кој води до вистинската слобода: слобода од себичноста и гревот – рече Папата на пладневниот наговор на 13 септември 2015 година

На почетокот потсети како во денешното Евангелие Исус ги прашува учениците: Што зборуваат луѓето, кој сум јас? Некои мислеле дека е Иван Крстител, други Илија или некои од пророците. Тоа значи дека народот го ценел Исус и го сметал за Божји пратеник, но сè уште не успеал да го препознае како ветениот Месија.

Меѓутоа, најважно е Исусовото прашање до оние кои го следеле: А вие за кого Ме мислите? Петар одговара: Ти си Христос! Тој одговор е плод на верата која е посебна Божја милост. Меѓутоа, кога почнал да им зборува дека во Ерусалим многу ќе пострада, ќе биде убиен и по три дена ќе воскресне, истиот тој Петар кој исповедал дека Исус е Месија, го одвраќа од неговите намери. Исус пак му одговара: Бегај од Мене, сатано! Оти не мислиш на она што е Божјо, туку на она што е човечко! Исус гледа како во Петар така и во секој од нас дека на милоста на Отецот се противи искушението на злото кое сака да нè отргне од Божјата волја – предупреди Папата.

Навестувајќи дека треба да страда, да умре и воскресне, Исус сака да сфатиме дека Он е понизен Месија и слуга: послушен извршител на волјата на Отецот сѐ до жртвувањето на сопствениот живот. Заради тоа зборува дека секој кој сака да го следи треба да биде слуга како Него. Да го следиш Исус значи јасно да го одбиеш световниот менталитет кој сопственото јас и сопствените интереси ги става во центарот на животот; значи да го изгубиш својот живот за Христос и Евангелието за да примиме обновен и исполнет.

Сигурни сме дека тој пат води до воскресението, полниот и конечен живот со Бог – продолжи Светиот Отец. Но да одлучиш да го следиш Господ кој стана слуга од сите бара силна поврзаност со Него, редовно и внимателно слушање на Неговото Слово и милостите на светите Тајни.

Младите кои беа на плоштадот Папата ги запраша: Дали сте почувствувале желба да го следите Исус од блиску? Размислете. Молете. И дозволете му Господ да ви зборува.“

По молитвата Ангел Господ, папата Фрањо потсети дека денес во Јужна Африка ќе биде прогласен за блажен Самуел Бенедикт Дасав лаик и татко кој е убиен во 1990 година заради верност на Евангелието. Како што рече Папата во својот живот секогаш покажувал голема доследност, храбро се карактеризирал со христијанкиот став и ги одбил световните и поганските обичаи. Неговото сведоштво посебно нека помогне на семејствата во ширењето на Христовата вистина и љубов.

Сведоштвото на новиот блаженик се соединува со многу наши браќа и сестри кои се прогонети и се убиваат заради тоа што го го исповедуваат Исус Христос. Со сите тие маченици, заедно со Самуел Бенедикт Дасав се заблагодаруваме на нивното сведоштво и молиме да нè застапуваат – рече на крајот Папата.

РВ/к.мк/Д.И.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот