Дали Христос е центарот и на мојот живот?

Дали Христос е центарот и на мојот живот?

Секој Божиќ, па и овогодинешниот би можел да биде вистински Божиќ за нашиот живот – е главната мисла на втората адвентска проповед на патер Раниеро Канталамеса, проповедник во Папскиот дом.

Секој Божиќ, па и овогодинешниот би можел да биде вистински Божиќ за нашиот живот – е главната мисла на втората адвентска проповед на патер Раниеро Канталамеса, проповедник во Папскиот дом, која ја одржа во капелата Редемпторис Матер во Ватикан, во присуство на папата Фрањо и членовите на Римската курија.

Христос во човечката историја

Во проповедта во која размислуваше за местото кое Исус го зазема во човечката историја, патер Канталамеса, истакна дека Христос е упориште на времето и историјата, и постави неколку клучни прашања. Дали Христос е центарот и на мојот живот, на мојата мала лична историја? На моето време? Дали го зазема централното место само теоретски или навистина е во центарот? Дали Тој е вистината за која само размислувам или и ја живеам?

Во животот на поголемиот број луѓе – потсети проповедникот на Папскиот дом – постои настан кој го дели животот на два дела. За брачните парови, тоа обично е венчанието. За свештениците тоа е свештеничкото ракополагање. И свети Павле го делел својот живот на два дела, ставајќи ја како линија на поделба, „средбата со Христос.“

Обнови се себе

Што треба да направиме за и ние да искусиме нешто од она што го искусил свети Павле, како и многу други? – праша патер Канталамеса и рече дека личната средба со Христос е настан кој може да се случи во било кој момент од животот. Притоа посебно го истакна делот од апостолскиот поттик на папата Фрањо „Evangelii gaudium“: Го повикувам секој христијанин, било каде да се наоѓа и во било каква ситуација, веднаш денес да ја обнови својата лична средба со Исус Христос, или нека барем донесе одлука дека ќе се препушти на средба со Него, дека ќе Го бара секој ден без престан. Нема причина заради која некој може да мисли дека тој повик не е за него, затоа што никој не е исклучен од радоста која ни ја носи Господ – стои во поттикот на Папата.

Христос, Алфа и Омега

Веќе некое време, најмногу во англосаксонскиот свет, изразите „пред Христос“ и „после Христос“ се заменуваат со формулите „пред новата ера“ и „после новата ера“. Се менува ознаката, но не и суштината на работите – рече патер Канталамеса. Времето останува исто и праволиниски поминува. Христос е центарот на цртата, Оној кон кого се тежнее пред него и од кого зависи сѐ после него. Нарекувајќи се „Алфа и Омега“ на историјата (Откр. 21, 6) Воскреснатиот нè уверува не само што тој во себе го спојува почетокот со крајот, туку тој самиот е неодреден почеток и крај, автор на создавањето и исполнувањето – истакна проповедникот на Папскиот дом.

РВ/к.мк

 

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот