Грегоријанскиот богословски хор од Ѓаково одржа концерт во катедралата во Скопје

Во неделата на 27 октомври 2013 година во Скопската катедрала „Пресвето Срце Исусово“ гостуваше грегоријанскиот богословски хор „Coram Domino” од Ѓаково, Хрватска. Светата Миса во 18.00 часот ја предводеше дон Иван Андриќ, ректор на богословијата, воедно и диригент на хорот, во присуство на два ѓакони, кои се членови на хорот. Со своето пеење хористите го збогатија евхаристиското славење.

По завршувањето на светата Миса „Coram Domino” одржа концерт на грегоријански напеви. На самиот почеток, хорот го претстави богословот и оргулист од скопската парохија Емануел Матес, кој ги пренесе поздравите од дон Мато Јаковиќ (доскорашен скопски парох) кој со голема радост го поздрави гостувањето на ѓаковачкиот хор во Скопје.

На репертоарот се наоѓаа: Kyrie, Rex Virginum, Codex Hueglas; Panta ta ethini/Omnes gentes; O Sapientia; Kyrie, fons bonitatis; O Majko, Gospo blažena (M.Ivšić); Blagoslovi duše moja (P.Česnokov); Puče moj (Đ.Marić); Hvalite Gospodina (A.Klobučar). Концертот заврши со изведба на Многаја лета, а воодушевената публика ги награди хористите со громогласен аплауз.

Со гостувањето во Скопската катедрала грегоријанскиот богословски хор „Coram Domino” ја заврши својата турнеја која започна на 25 октомври во Софија каде што беа гости на манифестацијата „Бугарско-хрватско пријателство“. Потоа учествуваа на средбата на машки хорови во Дупница и концерт во манастирот свети Иван Рилски. Во моментот хорот брои 13 членови, а диригентската палка му припаѓа на маестро Иван Андриќ.

Е.Абјаниќ

 

Категорија: Македонија

За авторот