Гостинот прво треба да се сослуша, да се прими како човек

Во денешното Евангелие евангелистот Лука зборува за Исус кога бил на пат кон Ерусалим, влегол во една куќа во која многу добро го нагостиле две сестри: Марта и Марија (Лк 10; 38-42). И двете на Господ му покажуваат гостољубивост, но тоа го прават на различен начин.

Според веќе воспоставениот обичај Светиот Отец во наговорот пред молитвата Ангел Господов го коментираше делот од литургиското Евангелие од 17 јули 2016 година. Посакувајќи им на сите добар ден, Папата продолжи да зборува за делот од Евангелието според Лука.

Во денешното Евангелие евангелистот Лука зборува за Исус кога бил на пат кон Ерусалим влегол во една куќа во која многу добро го нагостиле две сестри: Марта и Марија (Лк 10; 38-42). И двете на Господ му покажуваат гостољубивост, но тоа го прават на различен начин. Марија седела до Исусовите нозе и го слушала Неговото Слово, а Марта напротив била зафатена со служење; и во еден момент таа му вели на Исус: „Господи, зар нејќеш да знаеш дека сестра ми ме остави да служам сама? Кажи и да ми помогне.“ А Исус и одговори: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да и се одземе“ – потсети Светиот Отец.

Во нејзината грижливост и напори на Марија и се заканува опасноста да ја заборави најважната работа односно присуството на гостинот. Гостинот не треба само да се послужи, нахрани и да му се угоди на секој начин. Гостинот во прв ред треба да се сослуша, да се прими како човек со неговата историја; да се прими неговото срце богато со чувства и мисли за да може навистина да се почувствува дека е дел од семејството – објасни Папата додавајќи:

Секако дека Исусовиот одговор на Марија – кога и вели дека само едно е потребно – има полнина во значењето со слушањето на Исусовото Слово кое просветлува и го поддржува сè она што сме и што правиме. Но, не треба да заборавиме дека Исус во куќата на Марија и Марта во прв ред е ходочасник и гостин, а потоа Господ и Учител – рече Светиот Отец.

Ова е првото и директно значање на неговиот одговор: Марто, Марто зошто толку се грижиш за гостинот што го забораваш неговото присуство? За да се прифати не е потребно многу; потребно е само едно: сослушај го, покажи му братско внимание за да се почувствува дека е дел од семејството, а не во привремено засолниште – рече папата Фрањо.

Така сфатена гостољубивоста навистина изгледа човечка и христијанска доблест која може да биде занемарена во денешниот свет. Навистина домовите за стари лица и куќите за гости се множат, но нема секогаш во нив вистинска гостољубивост. Се отвораат голем број на институции за лекување на разни болести, осаменост, маргинализација, но се намалува можноста за странецот, маргинализираниот и исклучен човек да најде некој кој ќе го прими – рече Папата додавајќи:

Дури и во сопствената куќа, меѓу членовите на семејството може да се случи полесно да се најдат услуги и разни видови на нега отколку слушање и разбирање. Нека Дева Марија Мајка на слушањето и грижливото служење нè научи да бидеме прифатливи и гостољубиви кон своите браќа и сестри – заврши Светиот Отец, а потоа ја предводеше молитвата на Ангеловиот поздрав.

По Маријанската молитва, Папата потсети на ужасното крвопролевање во Ница во Франција. Драги браќа и сестри во нашите срца е жива болката заради масакарот која во Ница во четвртокот вечерта покоси голем број на невини животи. Во близина сум на секое семејство и со ожалостениот француски народ. Нека Бог добриот Отец ги прими жртвите во својот мир, ги окрепи ранетите и ги утеши нивните роднини; нека го отстрани секој план на терор и смрт, ниту еден човек да не се осуди да пролева крв на брат – молеше Папата, а потоа по ред ги поздрави римските и ходочасниците од другите држави. На сите им посакувам пријатна недела и ве молам да не заборавите да се молете за мене – заврши папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Ватикан

За авторот