Гестот на христијанската мајка 

Гестот на христијанската мајка 

 Духовникот на Еврозија, штом го добил писмото на мисионерот, веднаш ја исполнил зададената задача, околу наближувањето на празникот Раѓање на Пресвета Богородица, 8 септември. Предупредувајќи ја Еврозија, отишол кај нејзината мајка сè ѝ раскажал. Тешко болната мајка, која лежела во постела решително рекла:  – Нека биде по Божјата волја! Потоа, гледајќи со очите кон небото, таа додала: – Јас веќе му посветив две од моите деца на Бога, тие служат во редот на мисионерите Лазаристи: една моја ќерка е чесна сестра во редот на сестрите Сакраментинки. Ако Бог ја сака и Еврозија, јас со сето срце му ја давам, бидејќи таа е Негова пред да биде моја. Така бил подготвен патот на Еврозија кон нејзината иднина и полезната дејност за народот. Братот и мајката биле придобиени, духовникот исто така ја поткрепил идејата.

 Последната пречка е отстранета

 Но, решавачкиот час сè уште не дошол. Еврозија, која посебно го љубела својот татко, морала да го побара и неговиот совет.  Петар Алоати бил веќе мошне стар, но продолжувал и натаму да се грижи за своето семејство, раководејќи со сопствените фабрики. Сите свои деца многу ги сакал, но Еврозија ја сакал посебно, бидејќи била вистинска домаќинка во куќата. Освен тоа, таа била многу полезна и во фабриката за тестенини, десна рака на својот татко; учествувала во продавањето на стоката и ги водела трговските сметки… Еврозија не сакала да го разочара својот татко и да го лиши од својата скапоцена помош во трговските работи. Меѓутоа, таа била убедена, дека ако Бог решил да ја повика кон посовршен живот, тој ќе ѝ даде средства за да ја исполни оваа цел. Стариот Петар сè повеќе чувствувал дека силите го напуштат. Навистина, Еврозија неуморно му помагала на својот татко, но таа не можела да ја прифати целата работа врз себе и да му дозволи на татка си да се предаде на одмор кој го заслужил со својот долгогодишен труд.  Но, Еврозија продолжувала да работи во магацинот на својот татко. Таму никој не можел да ја замени. Летото 1885 година стариот Петар се разболел од пневмонија во мошне опасна форма; животот му бил во опасност. Тој оздравел од болеста, но веќе не можел да си ги поврати силите кои ги имал порано и да работи во магацинот, како порано. Целата тежина на работата паднала врз плеќите на Еврозија. Таа по цел ден работела во магацинот, а наутро станувала еден час порано, жртвувала од сонот за да оди на света Литургија и да се причестува.  Во едно писмо од нејзиниот брат, отец Мелхиор до сестрите Евхаристинки, вака ја опишува работата што ја вршела Еврозија во тоа време:  – Еврозија по цел ден беше во фабриката, каде требаше да ги надгледува работниците, да купува материјали за производството, да продава стока на големо и на мало, со еден збор да се занимава со сè друго, освен со тоа што го сакаше што ѝ беше длабоко во душата. Но секогаш му беше верна на своето гесло. „Го сакам она што Бог го посакува” – таа достоинствено го носи својот крст, со духот и со срцето е кај својот брат Јосиф и кога не може лично да му помогне во неговата мисија таа го поткрепува со своите молитви, а посебно со своите жртви.  Во 1887 година татко ми, чувствувајќи го посилно бремето на староста и мислејќи дека Франческо нема квалитет и желба да го прифати врз себе претпријатието и дека неговата ќерка Еврозија, се жртвува за работа која не ѝ е блиска, одлучил да земе заслужен одмор и да ја продаде фабриката.  И навистина, таткото својата одлука ја исполнува и така се отстранува и последната пречка за повикот на Еврозија.

 Средбата на братот и сестрата 

 Во текот на 1887 година отец Јосиф, братот на Еврозија, го придружува својот владика за време на последното патување од Париз и Рим. На враќање, мисионерот поминува низ Торино и се задржува неколку дена во родниот град, каде отците Лазаристи имаат свој манастир. Кога Еврозија дознала за тоа, следниот ден рано наутро се јавила во црквата, за да присуствува на Литургијата, служена од нејзиниот брат и да ја прими пресветата Причест од неговите раце. По службата таа оди да се поздрави со својот брат во собата определена за разговори со цивилни лица. Притоа Еврозија била зафатена со мислата за своето звање. Таа го запаметила она што нејзиниот брат ѝ го кажал пред три години, но се чудела, зошто веќе не настојувал за мисијата да основа монашка заедница на сестри за Македонија. Во личната средба со својот брат, таа сакала да добие просветлување по ова животно прашање, кое веќе се вгнездува во нејзината свест.

Еврозија и братот седеле еден наспроти друг и разговорот започнал. Таа ја искористила можноста да го праша за предлогот, што ѝ го предложил уште во 1884 година. – Мила сестро – одговорил отец Јосиф – одлучив да те оставам сама да се определиш за своето звање, затоа веќе не ти пишував за ова прашање. Но штом сама ми прозборе за ова, ќе ти кажам дека моја желба е да дојдеш во Македонија, ако е таква Божјата волја. Се радувам со сето срце што ми поставуваш такво прашање и ќе се молам на Бога што поскоро да дојдеш и да ме најдеш во Солун.  Овој разговор меѓу братот и сестрата имал големи последици. Еврозија веќе била подготвена да замине за Македонија, но за поголема сигурност, решила уште еднаш од Бога да побара просветување, па потоа решително да тргне по патот предодреден за неа.  По заминувањето на отец Јосиф, Еврозија уште посрдечно му се молела на Бога за да го зацврсти нејзиниот повик.  Еден ден таа му кажала на својот исповедник:  Оче, во нашиот град има еден свет човек – дон Боско. Дали ми дозволувате да одам кај него да побарам совет за мојот повик? Исповедникот го искористил случајот, за да ја испроба послушноста на своето духовно чедо и ѝ рекол:  – Ти дозволувам да одиш кај дон Боско, но ти забранувам да зборуваш за својот повик. Ќе одговараш на прашањата што тој ќе ти ги постави.  – Но што ако не ме праша за мојот повик? – Ти ќе молчиш. – Тогаш ќе биде бескорисно да го вознемирувам. – Ќе одиш да го посетиш дон Боско, но добро запамети, забрането ти е да зборуваш за повикот. Ќе одговараш само тоа што ќе те праша.

Пред неколку години Еврозија му дала завет на послушност на исповедникот. По силата на тој завет, таа оди да го посети дон Боско кој ја дочекал како татко прашувајќи ја за нејзиниот вујко дон Кико, за нејзините родители, а посебно за нејзината мајка, која лично ја познавал. Божјиот човек ја благословил и ја испратил.  Таа имала мошне силна желба да го праша дон Боско за одењето во Солун, но од послушност не се осмелила да го постави ова прашање.  По средбата со дон Боско, Еврозија се вратила кај исповедникот, за да го извести за својата бескорисна посета.  Но, таа наизглед бескорисна посета ѝ овозможи да направи херојски чин на послушност.  Нејзниот духовен отец конечно се уверил во нејзината послушност и во тоа дека Бог навистина ја повикува да му служи во Македонија.

Од книгата „Благородното дело на отец Јосиф Алоати и на сестра Еврозија Алоати“ од д-р Иван Драгов.

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот