Генерална аудиенција: Љубовта Божја е бескрајна
Светиот Отец во катехезата на Генералната аудиенција на 23 март на плоштадот Свети Петар заборуваше за светото тродневие. Велики четврток, петок и сабота овозможувајќи ни подлабоко да проникнеме во таинството на нашата вера: Воскресението на Господ наш Исус Христос – истакна папата Фрањо.
Бескрајноста на Божјата љубов
Во овие денови сè зборува за милосрдието затоа што се покажува до каде стигнува Божјата љубов. Ќе ја слушаме историјата за последните денови од Исусовиот живот. Евангелистот Иван ни го нуди клучот за сфаќање на длабоката смисла: „Бидејќи ги засака Своите во светот, до крај ги засака“ (Ив 13,1). Божјата љубов нема граница. Како што често повторувал свети Августин таа љубов оди „сѐ до крајот без крај“. Бог навистина целосно се предава за секој од нас, во ништо не се штеди. Во оваа недела му се поклонува на таинството на големата љубов која не познава пречки. Исусовата мака трае сѐ до свршетокот на светот затоа што историјата за споделување на страдањата на целото човештво е трајното Исусовото присуство во случувањата во нашиот личен живот. Светото тродневие е спомен на драмата која гарантира дека во животните искушенија нема да бидеме оставени – рече Папата.
Евхаристијата е љубов која станува служење
На Велики Четврток Исус ја воспоставува Евхаристијата, во велигденската гозба ја предвидува својата жртва на Голгота. За да можат учениците да ја разберат љубовта која го вдахнува, Тој им ги мие нозете, им покажува пример како тие треба да постапуваат. Евхаристијата е љубов која станува служење. Евхаристијата е возвишено присуство на Христос кој сака да го насити секој човек, посебно најслабите, да ги оспособи за сведочење во тешкотиите во светот. Освен тоа давајќи ни се за храна Исус потврдува дека треба да научиме со другите да ја прекршуваме таа храна за да стане вистинско заедништво на животот со оние во потреба. Исус ни се дава и бара во Него да останеме за да правиме исто така – објасни Папата.
Исусовата љубов опфаќа сè
Велики Петок е врвот на љубовта. Смртта Исусова која на крстот се предава на Отецот за да го спаси целиот свет ја изразува безграничната љубов „сѐ до крајот без крај“. Неговата љубов има намера да ги прегрне сите, не исклучувајќи никого. Таа љубов го опфаќа секое време и секое место. Таа е неисцрплив извор на спасение, од која сите ние грешниците можеме да црпиме. Ако во Исусовата смрт Бог ни ја покажал својата возвишена љубов тогаш и ние повторно родени во Светиот Дух можеме и мораме да се љубиме едни со други – рече Светиот Отец.
Божјото молчење е исчекување на животот
Велика Сабота е ден на Божјото молчење. Треба да биде ден на молчење, а ние треба да направиме сè и за нас да биде ден на молчење како што било тогаш: ден на Божјото молчење. Исус положен во гроб со целото човештво ја дели драмата на смртта. Таа тишина говори и ја покажва љубовта како солидарност со напуштените до кои Божјиот Син допира, исполнувајќи ја празнината која што единствено Божјото милосрдие може да ја исполни. Бог молчи, но од љубов. Во тој ден тивката љубов станува исчекување на животот во вокресението. Добро е на Велика Сабота да се сетиме на Богородица „Верничката“ која во тишина го исчекувала воскресението. Богородица треба да ни биде слика за Велика Сабота. Да размислуваме како Марија ја живеела Велика Сабота во исчекување. Нејзината љубов не се сомнева, туку се надева на Словото Божјо дека на денот на Воскресението станува јасна и светла.
Исус трпеше заради нас
Големо е таинство на љубовта и милосрдието. Нашите зборови се сиромашни и недоволни за целосно да го изразат тоа таинство. Во тоа може да ни помогне искуството на една девојка мистичарка која не била многу позната, но напишала возвишени страници за Христовата љубов. Се викала Јулијана од Норвич; била неписмена, а имала визија за Исусовата мака и потоа станувајќи осаменичка со едноставни, длабоки и импресивни зборови ја опишала смислата на милосрдната љубов – кажа Папата додавајќи:
Вака вели: „Тогаш нашиот добар Господ ме запраша: „Дали си задоволна што трпев за тебе?“ Му одговорив: „Да, добар Господи и многу Ти благодарам; да добар Господи, биди благословен.“ Тогаш нашиот добар Господ рече: „Ако си задоволна ти тогаш и Јас сум задоволен. Тоа што поднесов мака за тебе, за Мене е радост, среќа, вечна веселба; а кога би можел уште повеќе да трпам тоа би го направил.“ Тоа е нашиот Исус Кој на секој од нас му вели: „Кога би можел уште повеќе да трпам, тоа би го направил“ – истакна Папата.
Да дозволиме да нè закрили Исусовото милосрдие
Многу се убави овие зборови – воскликна Папата. Ќе овозможат навистина да ја сфатиме неизмерната и безграничната Божја љубов кон нас. Да се препуштиме да нè закрили тоа милосрдие кое ни доаѓа во пресрет; а овие денови додека погледот ни е закотвен во маката и смртта Господова, во своето срце да ја прифаќаме големината на неговата љубов како света Богородица на Велика Сабота, во тишина, во исчекување на Воскресението – поттикна Светиот Отец и по вообичаениот поздрав го упати следниот апел.
Со болно срце ги следам тажните вести за вчерашниот терористички напад во Брисел кој предизвика бројни жртви и ранети. Ја гарантирам својата молитва и својата близна со саканиот белгиски народ, до роднините на жртвите и сите ранети. Повторно ги повикувам сите луѓе со добра волја да се придружат на еднодушната осуда на тие сурови злосторства кои единствено донесуваат смрт, ужас и страв. Ги молам сите во оваа Света недела да се упорни во молитвата и барањето од Господ преку застапништвото на Дева Марија да ги утеши нажалените срца и да ги преобрати луѓето кои ги заслепил суровиот фундаментализам. Да измолиме Радувај се Маријо… Сега во тишина да се помолиме за загинатите, ранетите, за роднините и за целиот белгиски народ – поттикна Папата.
РВ/к.мк/Д.И.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк