Генерална аудиенција: Скржавоста е болест на срцето

Генерална аудиенција: Скржавоста е болест на срцето

Скржавоста е болест на срцето, а не на паричникот, истакна папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 24 јануари 2024 година, продолжувајќи го циклусот на катехези за маните и крепостите

Таквата приврзаност кон парите ги погодува и луѓето со големи средства и оние кои имаат помалку – пустинските отци напишале дека тоа влијаело дури и на монасите кои во осаменоста на своите ќелии се врзувале за предмети од мала вредност.

Папата понуди размислување за монасите, со цел да се излечат од болеста на скржавоста, почнуваат да размислуваат за смртта. „Без оглед на тоа колку добра има собрано човекот на овој свет, во едно сме апсолутно сигурни: нема да ги понесеме со себе во гроб. Тука се открива бесмисленоста на овој порок. Призврзаноста за поседување, што ја градиме со некои работи е само привидна, бидејќи ние не сме господари на овој свет: оваа земја што ја сакаме всушност не е наша и патуваме низ неа како странци и ходочесници“, рече Папата.

Скржавоста е обид да се отфрли стравот од смртта, да се бара сигурност, која се руши како куќа од карти, објасни Светиот Отец.

Повикувајќи се на различни примери од Светото Писмо за „лудоста на скржавоста“, Папата истакна дека можеме да бидеме господари на добрата што ги поседуваме, но честопати се случува спротивното: тие на крајот нè владеат. Како што нагласи: „Некои богати веќе не се слободни, немаат време ни да се одморат повеќе, мора постојано да внимаваат бидејќи стекнатиот имот повлекува и потреба да се зачува. Секогаш се вознемирени затоа што треба да се пролее многу пот за да се стекне богатство, а тоа пак може да исчезне додека да трепнете. Ја забораваат евангелската проповед, која вели дека богатството само по себе не е грев, но секако е одговорност. Бог не е сиромашен: тој е Господар на сè – пишува свети Павле – „бидејќи богат, осиромаши поради вас, та и вие да се збогатите преку Неговата сиромаштија“ (2 Коринтјани 8,9). Ова е она што скржавецот не го разбира. Тој можеше да биде извор на благослов за многумина, но наместо тоа, заврши во ќорсокак на несреќа, рече на крајот од својата катехеза папата Фрањо.

По катехезата, Светиот Отец потсети дека во сабота 27 јануари е Меѓународен ден на сеќавање на жртвите од холокаустот. „Сеќавањето и осудата на тоа страшно истребување на милиони Евреи и припадници на други религии, што се случи во првата половина на минатиот век, нека им помогне на сите да не се заборави дека логиката на омраза и насилство не може да се оправда, бидејќи ја порекнуваат самата наша човечност“ рече тој.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот