Мачеништвото е знак дека одиме по Исусовиот пат – рече папата Фрањо во среда 11 декември 2019 година, за време на Генералната аудиенција во салата Свети Павле Шести, осврнувајќи се на сведоштвото на свети Павле пред царот Агрипа
Многу христијани денес се прогонувани, па и со бели ракавици – рече папата Фрањо за време на катехезата. Свети Павле, во окови нѐ учи на постојаност при искушенијата и ни помага да ја обновиме верата како би биле ученици мисионери – истакна папата Фрањо концентрирајќи се во катехезата на сведоштвото на свети Павле пред царот Агрипа, за што зборуваат Делата на светите Апостоли.
Имено доаѓањето на Павле во Ерусалим предизвика жестока омраза – рече Светиот Отец и потсети: Му приговарале дека бил прогонител; го обвинувале дека поучувал против законот и храмот; бил уапсен и го започнува својот пат како затвореник, сѐ додека не дојдел пред царот Агрипа. Евангелистот Лука сведочи за сличноста помеѓу Павле и Исус, и двајцата биле омразени од царските власти и јавно ги обвинувале, а потоа биле прогласени за невини. Павле на тој начин се придружил на маката на својот Учител и неговата мака станала живо евангелие.
Токму ова искуство на свети Павле го поттикна папата Фрањо на размислување за прогонството. Наутро пред Генералната аудиенција, имено ги прими поклониците од Украина, кои исто така трпеле заради Евангелието и не се откажале од својата вера. Денес во светот и во Европа многу христијани се прогонети и го даваат животот за сопствената вера – рече Папата и објасни: Прогонувани се и со бели ракавици, односно исклучени и ставени на работ од општеството. Мачеништвото е како воздух за животот на христијаните и христијанските заедници. Меѓу нас секогаш ќе има маченици. Тие се знак дека одиме по Исусовиот пат. Тоа што има во Божјиот народ такви луѓе кои сведочат со мачеништво е Господов благослов.
Пред царот Агрипа Втори, одбраната на Павле се претвора во успешно сведочење на верата – рече Светиот Отец и продолжи: Павле зборува за своето преобраќање и послание кое Христос му го довери, и на тој начин го допира срцето на царот, кој скоро се уверил за да стане христијанин. Значи, Павле е прогласен за невин, но не можел да биде пуштен затоа што е упатена жалба до Цезарот и затоа во окови е одведен во Рим. Од тој момент Павле е затвореник чиј што окови се знак на неговата вера во Евангелието и неговото сведоштво кое го даде за Христос. Оковите се понижувачко искуство за апостолот кој во очите на светот изгледа како злосториник ( 2 Тимотеј 2,9). Но неговата љубов кон Христос е толку многу силна, па така и на оковите гледа со очи на верата.
Тоа е вера која за свети Павле не е теорија или мислење за Бог и светот, туку влијание на Божјата љубов во неговото срце. Тоа е љубовта кон Исус Христос – истакна Светиот Отец, потсетувајќи на она што според почесниот папа Бенедиктт Шеснаесети го кажа во проповедта по повод Годината на свети Павле во 2008 година, дека искуството на Павловата вера стана повик за сите христијани.
Драги браќа и сестри, Павле нѐ поучува на постојаност при искушенијата и способност сѐ да можеме да читаме со очи на верата. Да го молиме денес Господ преку застапништвото на свети Павле да ја обнови нашата вера и да ни помогне до крај да бидеме верни на својот христијански повик како Господови ученици и мисионери – рече на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк