Генерална аудиенција: Исус е со нас во постојаната борба помеѓу доброто и злото

Генерална аудиенција: Исус е со нас во постојаната борба помеѓу доброто и злото

Папата Фрањо на Генералната аудиенција во среда 3 јануари 2024 година ги посвети своите размислувања на темата за духовниот подвиг. Животот на христијанинот е составен од предизвици и искушенија, но можно е да се надминат искушенијата и да оди кон светоста, потпирајќи се на бескрајното мислордие на Бога Отецот

Откако минатата недела започна нов циклус на катехези на тема мани и крепости, папата Фрањо на почетокот на новата година се фокусираше на духовната борба на христијаните. Духовниот живот на христијаните не е мирен, линеарен, без предизвици, туку бара истрајност. Не случајно првото миропомазание што еден христијанин го добива во светата тајна Крштение – катехуменското миропомазание е без мирис и симболично најавува дека животот е борба, потсети Папата.

Светците, посочи, не се луѓе кои биле лишени од искушенија, туку луѓе кои биле свесни дека во животот заводливостите на злото постојано се појавуваат и треба да се разоткријат и отфрлаат. Луѓето кои постојано се оправдуваат себеси, изјавуваат дека се „совршено добро“ и немаат проблеми, гревови, ризикуваат живот во темнина, бидејќи се навикнати на темнина и повеќе не можат да разликуваат добро од зло – предупреди Светиот Отец, додавајќи: Сите ние сме грешници и корисно е да се направи испит на совеста.

Исус, нагласи Папата, нѐ следи сите нас грешниците. Тој не е грешник, но тој е меѓу нас. Тој нè разбира, нè следи и ни простува. Дојде да ни прости, да не спаси, а единственото нешто што го бара е нашето отворено срце.

Да ја обновиме таа можност за да бараме прошка. Секој од нас има толку многу работи за кои треба да бараме прошка: секој нека размислува во себе и нека разговара со Исус. Кажи му: „Господи, не сум сигурен дали тоа е вистина или не, но убеден сум дека нема да си одиш од мене. Сигурен сум дека ми простуваш. Господи, јас сум грешник, јас сум грешник, но те молам немој да си одиш од мене.

Папата поттикна да се потсетиме дека секогаш сме растргнати меѓу спротивни крајности: ароганцијата ја предизвикува понизноста; омразата се спротивставува на милосрдието; тагата ја попречува вистинската радост на Духот; тврдото срце го одбива милосрдието. Христијаните постојано одат по овие линии на раздвојување.

Затоа е важно да се размислува за маните и крепосите: тоа ни помага да ја надминеме нихилистичката култура во која се бришат границите помеѓу доброто и злото, а во исто време нѐ потсетува дека човекот, за разлика од кое било друго суштество, секогаш може да се надмине себеси, да се отвори за Бога и да оди кон светоста.

Во склоп на аудиенцијата Светиот Отец упати апел да не се забораваат народите кои страдаат поради конфликти, наведувајќи ги Палестина, Израел и Украина и „браќата Рохинџи“ кои и понатаму се прогонувани. „Војната е лудост. Војната е секогаш пораз“, нагласи Светиот Отец. Во поздравот до ходчесниците кои зборуваат англиски, Папата се помоли и за жртвите од земјотресот во Јапонија и за жртвите од авионската несреќа во Токио. Тој во своите молитви ги вклучи и семејствата на жртвите и спасувачите кои се на терен.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот