На Генералната аудиенција во среда 16 септмеври 2020 година, папата Фрањо продолжи со серијата катехези за пандемијата и повторно истакна дека кој живее за да ја искористува природата, на крајот ги искористува луѓето, додека задача на сите луѓе е да го чуваат создаденото како би дале иднина на новите генерации. Катехезата на папата Фрањо ја пренесуваме во целост.
Драги браќа и сестри, добар ден!
За да излеземе од пандемијата, мораме да се излекуваме самите себе и да се излекуваме едни со други. И мораме да ги поддржиме оние кои се грижат за најслабите, болните и старите. Тие луѓе – кои добро ги опишува шпанскиот израз “cuidadores”, оние кои се посветуваат за грижа на болните – имаат клучна улога во денешното општество, па дури и ако не се признати и не добиваат надомест кој го заслужуваат. Грижата за другиот е златно правило на нас како луѓе и тоа донесува здравје и надеж (сп. енциклика Лаудато си [ЛС], 70). Грижата за оној кој е болен, кој е во потреба, кој е запоставен, тоа е човечкото и христијанското богатство.
Таква грижа исто така мораме да покажеме и кон нашиот заеднички дом: земјата и секое создание. Сите облици на живот се меѓусебно поврзани (сп. енциклика Лаудато си, 137-148), а нашето здравје зависи од здравјето на екосистемот, кој Бог го создаде и кој ни го одвери да се грижиме за него (сп. 1 Мојсеева 2,15). Рѓосаното постапување со него, напротив е тежок грев со кој се нанесува штета и го прави создадениот свет болен (сп. ЛС 8,66). Најдобар лек за ова неправилно користење на нашиот заеднички дом е контемплацијата (сп. ЛС 85,214). Па како така? За тоа нема вакцина, за грижата за заедничкиот дом, затоа не треба да се запоставува. Кој е лекот за болеста против негрижата за заедничкиот дом? Тоа е контемплацијата. „Ако некој не научил да застане и да се восхитува на нешто убаво, не би требало воопшто да се чудиме ако тој или таа постапуваат со сѐ како со предмет, кој безобѕирно и несвесно се користи и злоупотребува“ (ЛС 215). Па и со работите со кои се постапува според принципот „фрли после употреба“. Меѓутоа нашиот заеднички дом, создадениот свет не е само „ресурс“. Созданијата имаат вредност во самите себе и „секој на свој начин, одржува зрак на бескрајната Божја мудрост и добрина (ККЦ 339). Таа вредност и тој зрак на божественото светло треба да се открие, а за да го откриеме мораме да се научиме да молчиме, слушаме и размислуваме. Контемплацијата ја лекува душата.
Без контемплација лесно се паѓа во неурамнотежен и надуван антропоцентризам – моето ‘јас’ е во центар на сѐ – кој ја преувеличува улогата на нас луѓето, поставувајќи нѐ на положбата апсолутни господари над сите останати созданија. Погрешното толкување на библиските текстови за создавањето придонесе за овој погрешен поглед, што доведува до искористување на земјата до таа мера што се задушува. Да се искористува создадениот свет: тоа е грев. Мислиме дека сме во центарот, стремејќи се да го заземеме Божјото место и со тоа ја нарушуваме хармонијата на создадениот свет, хармонијата на неговиот план. Стануваме ограбувачи, заборавајќи на повикот дека треба да бидеме чувари на животот. Можеме и мораме, сигурно, да ја обработуваме земјата за да би живееле и да се развиваме. Но работата не е исто со искористувањето и секогаш е проследена со грижата: да се обработува и штити, да се работи и да се грижи… Тоа е посланието (сп. 1 Мојсеева 2,15). Но можеме да се стремиме да продолжиме и понатаму да растеме на материјално ниво не водејќи грижа за заедничкиот дом кој сите нас нѐ прима во прегратките. Нашите најсиромашни браќа и нашата мајка земја плачат заради штетата и неправдата која ја предизвикуваме и бара пресврт. Од нас бара преобраќање, нов пат: да се грижиме и за земјата, за создадениот свет.
Важно е повторно да се врати контемплативната димензија, односно да се гледа на земјата, на создадениот свет како дар, не како нешто што треба да се искористува заради профит. Кога размислуваме, во другите и во природата откриваме нешто многу поголемо од нивната корисност. Тоа е сржта на проблемот: да се размислува значи да се издигнеме над фактот сѐ да гледаме низ призмата на профит. Да се размислува убавината не значи да се искористи: убавината треба да се контемплира бесплатно. Со тоа ја откриваме суштинската вредност на работите кои Бог ги подари на другите. Како што учеле многу духовни учители, небото и земјата, морето, секое создание ја имаа таа способност на слика, таа мистична способност да нѐ упати на Создателот и заедништвото со создадениот свет. На пример, свети Игнатиј од Лојола, на крајот од своите духовни вежби, повикува на „размислување за да се вивне до љубовта„ односно да размислуваме како Бог гледа на своите созданија и да се радуваме со нив, да ја откриваме Божјата присутност во неговите созданија и со слободата и милоста, да ги љубиме и да се грижиме за нив.
Контемплацијата, која нè доведува до тоа со сѐ да постапуваме грижливо, не е набљудување на природата однадвор, како да не сме дел од неа. Ние сме во природата, ние сме дел од природата. Започнуваме, напротив, од нас самите, од нашето внатрешно јас, се препознаваме себеси како дел од создадениот свет, стануваме протагонисти, а не само набљудувачи на безобличната реалност што треба само да се искористи. Оној кој размислува на овој начин е опфатен со воодушевување не само поради тоа што го гледа, туку и затоа што се чувствува составен дел од таа убавина; а се чувствува и повикан да ја чува и заштитува. Има нешто што не смееме да го заборавиме: оној што не знае да размислува за природата и за создадениот свет, не знае како да ги гледа луѓето со нивните богатства. А, оној што живее за да ја искористи природата, на крајот ги експлоатира луѓето и ги третира како робови. Ова е општо правило: ако не знаете да размислувате за природата, тешко дека ќе знаете да размислувате за луѓето, за убавината на луѓето, браќата, сестрите.
Оние што знаат како да контемплираат, полесно ќе се впуштат да го променат она што предизвикува срозување (деградација) и му нанесува штета на здравјето. Тие ќе работат вредно на поучување и промовирање на нови навики во производството и потрошувачката, за да придонесат за нов модел на економски раст што гарантира почитување на заедничкиот дом. Контемплативецот на дело се обидува да биде чувар на животната средина: тоа е многу убаво! Секој од нас мора да биде чувар на животната средина, чистотата на животната средина, настојувајќи да се обединат древните знаења на илјадагодишните култури со новото техничко знаење, со цел нашиот начин на живот да биде одржлив.
Контемплација и водење грижа: ете два става кои го покажуваат патот по кој треба да се оди да се поправи и повторно да се дојде до рамнотежа во односот на нас луѓето и создадениот свет. Многу пати изгледа дека нашиот однос со создадениот свет е како со односот помеѓу непријатели: да се уништи создадениот свет во моја корист, да се искористи создадениот свет во моја корист. Да не заборавиме дека тоа скапо се плаќа. Да не ја заборавиме она шпанска поговорка: „Бог секогаш простува, ние простуваме понекогаш, а природата никогаш“.
Денес во весниците читав дека оние два големи глечери од Антарктикот, во близина на Амундсенското Море само што не се одвоиле. Тоа ќе биде страшно, затоа што нивото на морето ќе порасне и тоа ќе донесе многу тешкотии и многу зло. А зошто? Заради затоплувањето, заради негрижата за животната средина, заради негрижата за заедничкиот дом. Наместо тоа, кога го имаме овој однос – си дозволувам да го употребам зборот „братски“ во преносна смисла на тој збор – со создадениот свет, ќе станеме чувари на заедничкиот дом, чувари на животот и чувари на надежта, ќе го чуваме наследството кое Бог ни го довери како би можеле иднините генерации да уживаат. Некој може да каже: „Но на мене вака ми е добро“! Но не е проблемот во тоа како ти е денес на тебе – тоа го има кажано сјајниот германски теолог, инаку протестант, Бонхофер: Не е проблемот во тоа како ти се снаоѓаш денес, проблемот е што ќе оставиш зад себе, каков ќе биде животот на идните генерации.
Да помислиме на децата, на внуците, што ќе им оставиме ако прекумерно го искористуваме создадениот свет: Овој пат да го чуваме и така ќе станеме чувари на заедничкиот дом, чувари на живото и надежта. Да го чуваме наследството кое Бог ни го довери, како идните генерации би можеле да уживаат. На посебен начин мислам на домородните народи на кои сите им должиме благодарност па и каење, како би го поправиле злото кое сме им го направиле. Но исто така мислам и на оние движења, здруженија, народни групи кои посветено работат на заштита на својата територија со нивните природни и културни вредности. Таквите општествени реалности не секогаш се ценат, понекогаш дури и се спречуваат, затоа што не носат пари, но тие всушност придонесуваат за мирна револуција која би можеле да ја наречеме „револуција за грижата. Да контемплираме за да лекуваме, да контемплираме за да чуваме, да се чуваме себе, создадениот свет, нашите деца, нашите внуци и да ја чуваме иднината. Да контемплираме како би лекувале, како би чувале и како би оставиле наследство на идните генерации.
Сепак не смееме ова да го префрлиме само на неколку луѓе, она што е задача на секој човек. Секој од нас може и мора да стане „чувар на заедничкиот дом“, способен да воздигне пофалба на Бог заради неговите созданија, да контемплираме за нив и да ги штитиме.
Ватикан њуз/к.мк