Во својата катехеза на Генералната аудиенција, папата Фрањо повторно предупреди на културата која ги маргинализира старите лица, селектирајќи го животот според неговата корисност. Напротив, постарите луѓе треба да бидат во центарот на вниманието на заедницата: дијалогот меѓу децата и бабите и дедовците е суштински за да се избегне раст на генерација без минато или без корени.
На Генералната аудиенција во среда 15 јуни 2022 година папата Фрањо катехезата повторно ја посвети на староста, земајќи пасус од Марковото евангелие.
„Па, како излегоа од синагогата, дојдоа со Јакова и Ивана во куќата на Симона и Андреја. А баба му на Симона лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа. И кога пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана; и почна да ги послужува.“
Бабата на Симон лежела во кревет со треска, пишува евангелистот. Папата го коментираше ова, истакнувајќи дека дури и едноставна температура во староста може да биде опасна. Затоа, во староста треба да се има трпение со сопственото тело и да се сфати што уште може да се бара од него.
Постарите луѓе болеста ги погодува на поинаков и нов начин отколку кога човекот е млад – рече Папата. Тоа е како тежок удар кој погодува веќе тешко време. Се чини дека болеста на постарите лица ја забрзува смртта и во секој случај го скратува животниот век што ние веќе го сметаме за краток. Се наметнува мислата дека нема да се опоравиме, дека овој пат ќе биде последен пат да сум болен… Не успева да сонува за надеж во иднина која веќе изгледа непостоечка.
Добро е заедницата да се грижи за старите лица
Нагласувајќи ја поуката од евангелскиот дел, Светиот Отец истакна дека Исус не оди сам да ја посети оваа болна старица, туку оди кај неа во заедништво со учениците. Тој истакна дека христијанската заедница треба да се грижи за старите лица, особено денес кога е зголемен бројот на стари лица.
Треба да чувствуваме одговорност да ги посетуваме постарите кои често се сами и да му ги принесеме на Господ во нашите молитви. Самиот Исус нè учи како да ги сакаме. „Општеството вистински го прифаќа животот кога препознава дека тој е скапоцен во староста, во инвалидност, во тешка болест и кога се гаси“ (Порака до Папската академија за живот, 19 февруари 2014 година). Животот е секогаш скапоцен – истакна римскиот бискуп.
Благодарност на жената
Исус ја исцелува жената и на тој начин ги учи учениците дека спасението се навестува и преку вниманието кое се покажа кон таа болна личност, а жената ја изразува сета своја благодарност за Божјата нежност кон неа. При тоа, Светиот Отец го повтори поимот на кој често инсистира, а тоа е културата на отфрлање, со која општеството се обидува да ги избрише постарите како да се товар.
Тоа е предавство на сопствената човечност, тоа е најлошото, тоа е селекција на животот според корисноста, според младоста, а не според животот каков што е, со мудрост, со ограничувањата на постарите. Постарите луѓе имаат толку многу да ни дадат: тука е мудроста на животот. Имаат толку многу да нѐ научат; затоа треба да ги научиме децата да се грижат за бабите и дедовците и да ги посетуваат. Дијалогот меѓу младите и бабите и дедовците, меѓу децата и бабите и дедовците е фундаментален за општеството, фундаментален е за Црквата, фундаментален е за здравиот живот. Онаму каде што нема дијалог меѓу младите и старите, нешто недостасува и расте генерација без минато, односно без корени – истакна Папата.
Старите лица се драгоцени, не смееме да ги маргинализираме
Старицата излечена од Исус станува, вели евангелистот и се става во служба на учениците. На тој начин таа им дава и поука – забележа папата Фрањо – тоа покажува дека и како постар човек може, и покрај сѐ, да и служи на заедницата, надминувајќи го искушението да се тргне настрана.
Ако постарите луѓе наместо да ги отфрламе и оддалечуваме од настани што го обележуваат животот на заедницата и ги ставиме во центарот на заедничкото внимание, би биле поттикнати да вршат скапоцена служба на благодарност кон Бог кој никого не заборава. Благодарноста на постарите за даровите добиени од Бога во нивните животи, како што нè учи бабата на Петар, на заедницата и ја враќа радоста на заедничкиот живот и на верата на учениците ѝ дава важно одбележје на нејзиното одредиште.
Исус бара од сите мажите и жените да служат
Духот на посредување и служење, кој Исус им го пропишува на сите свои ученици, не е само за жените – објасни Папата и истакна: Евангелската служба на благодарност за Божјата нежност на ниту еден начин не е напишана во граматиката на маж господар и жена слугинка; не, тоа не е вистина. Сепак, тоа не значи, што се однесува до благодарноста и нежноста на верата, дека жените не можат да ги научат мажите на работи што им е тешко да ги разберат. Бабата на Петар, пред да пристигнат таму апостолите, следејќи го Исус, им го покажала патот и на нив – рече папата Фрањо и на крајот ја истакна Исусовата нежност кон жената во тој пасус од Евангелието. Тоа јасно ја покажува неговата особена чувствителност кон слабите и болните, кое што Синот Божји секако го научил од својата Мајка.
Ватикан њуз/к.мк