Оче смилувај се на сите нас затоа што и најсветиот меѓу нас не престанува да биде твој должник – рече папата Фрањо за време на Генералната аудиенција на плоштадот Свети Петар, продолжувајќи со серијата катехези за молитвата Оче наш и се осврнувајќи посебно на делот: Прости ни ги долговите наши.
Така молитвата влегува во подрачјето на нашите односи со другите – рече Папата и објасни: Како што ни треба лебот кој пред малку го баравме од Отецот, така ни треба простувањето. Секој ден. Бидејќи христијанинот кој моли, бара од Бог пред сè да му ги прости долговите, односно гревовите. Кога би биле совршени и свети како оние кои никогаш не свртуваат од добриот пат, секогаш ќе останеме деца кои сè Му должат на Отецот.
Горделивоста е најопасното однесување на секој христијанин – рече Светиот Отец и напомена: Тоа е однесување на оној кој се става пред Бог, мислејќи дека секогаш има уредни сметки со Него. Горделивиот човек верува дека со него сè е во ред. Како фарисејот во параболата кој мислел да моли во храмот, но се фалел пред Бог. Ти благодарам Господи затоа што не сум како другите. Тие се луѓе кои се чувствуваат совршени, кои ги критикуваат другите; тие се горделиви луѓе. Никој од нас не е совршен.
Напротив, цариникот, грешник кој сите го презирале застанал на прагот на храмот не се чувствувал достоен за да влезе, се доверил на Божјото милосрдие – рече папата Фрањо и објасни: Тој за разлика од оној другиот, се вратил дома оправдан, односно простено му е затоа што не бил горделив, ги признал своите граници и своите гревови.
Постојат гревови кои се гледаат и оние кои не се гледаат, кои се сокриени – рече Папата и нагласи: Најлош од нив е горделивоста која може да ги зарази луѓето кои живеат силен верски живот. Во еден познат манастир од 17 – 18 век, имало совршени чесни сестри и за нив се зборувало дека се чисти како ангели, но горделиви како ѓаволи. Тоа е лошо.
Гревот го дели н братството – истакна Папата. Се преценуваме себе дека сме подобри од другите, веруваме дека сме слични на Бог. Меѓутоа пред Бог сите сме грешници и имаме причина да се удираме во гради. Ако сакате да се излажете себе самите, кажете дека немате грев, на тој начин се лажете самите себе. Пред сè сме грешници затоа што во овој живот многу сме примиле: животот, татко и мајка, пријатели, чуда на создаденото. Иако на сите им се случува да поминуваат низ тешки моменти, мора секогаш да се присетуваме дека животот е милост, чудо кое Бог го направил од ништо.
Второ – потсети папата Фрањо во катехезата, грешници сме затоа што иако успеваме да љубиме никој од нас не е способен тоа да го направи со свои сили. Можеме да љубиме, но со Божја сила. Постои она што старите теолози го нарекувале „mysterium lunae“ не само во идентитетот на Црквата, туку и во историјата на секој од нас.
Што значи тоа „mysterium lunae“? – праша Папата и одговори: Тоа е како да е месечина, да нема сопствено светло; се одржува од сончевата светлина. Така и ние немаме светло; светлото кое го имаме е одраз на Божјите милости и Божјото светло. Ако љубите, тоа е затоа што некој друг ви се насмеал кога сте биле дете, учејќи ве да одговорите со насмевка. Ако љубите тоа е затоа што некој покрај вас – во вас ја разбудил љубовта, помагајќи ви да сфатите како во неа се наоѓа смислата на животот.
Ако ја слушаме историјата на некој човек кој згрешил – рече Светиот Отец, затвореник, осуденик или зависник од дрога се прашуваме кој треба да обвиниме за неговите грешки? Само неговата совест или историјата на омразата и напуштеноста која ја носи со себе? Ова е тајната месечината. Сакаме пред сè затоа што сме биле сакани, простуваме затоа што ни било простено. Ако некој не бил осветлен од сончевата светлина станува мраз како тлото во зимата.
Како да не го препознаеме, во ланецот на љубовта кој ни претходи привиденото присуство на Божјата љубов? – рече папата Фрањо и истакна: Никој од нас не го љуби Бог колку што Тој нè љубел. Доволно е да застанеме пред распетието за да го сфатиме несразмерот. Тој нè љуби и секогаш прв нè љуби.
За време на поздравите на крајот од аудиенцијата Папата потсети дека одиме кон крајот на патот на Великиот пост. Светлото и утехата на Господовото Воскресение веќе се блиску. Се подготвуваме за Христовите чувства да станат наши и деновите на Неговата мака и прославата да ги живееме во полнота – поттикна на крајот Светиот Отец.
Ватикан њуз/к.мк