Генерална аудиенција во среда: Црквата – ходочасничка кон Царството Божјо
На Катехезата за време на Генералната аудиенција во среда 26 ноември 2014 година папата Фрањо на плоштадот Свети Петар во Рим, пред околу 15 илјади верници и поклоници, зборуваше на тема: Црквата – ходочасничка кон Царството Божјо.
****************************
Драги браќа и сестри, добар ден!
Во преставувањето на Црквата на луѓето во нашето време, Вториот ватикански собор ја имал јасно пред очи темелната вистина која не смее никогаш да се заборави: Црквата не е некоја статична, неподвижна реалност, не е самата на себе цел, туку постојано патува низ историјата, кон последната и прекрасна цел што е Царството небесно, на кое што Црквата на земјата е никулецот и почетокот. (Втор ватикаски собор, Догматска конституција за Црквата Lumen gentium, 5). Кога размислуваме за тоа, согледуваме дека ни недостасува фантазија, можеме само да го претпоставиме сјајот на таа мистерија кое ги надминува нашите сетила. И во нас спонтано се јавуваат прашањата: кога ќе се случи тој последен премин? Каква ќе биде таа нова димензија во која Црквата ќе влезе? Што ќе биде тогаш од човекот? Што ќе биде со создадениот свет кој нè опкружува? Но, тие прашања не се нови, ги поставувале во своето време и Исусовите ученици: Но, кога ќе се случи тоа? Кога Духот ќе победи над создадениот свет, над создаденото, над сè…“ Тие се човечки прашања, древни прашања. И ние самите ги поставуваме.
1.Соборската конституција Gaudium et spes соочена со овие прашања кои отсекогаш одекнуваат во човечкото срце, вели: Не ни е познато времето на завршувањето на земјата и човештвото, ниту ни е познат начинот на преобразување на вселената. Поминува, сепак, потрагата во овој свет изобличен од гревот, но поучени сме дека Бог подготвува ново престојувалиште и нова земја на која ќе престојува праведноста и чие блаженство ќе ги исполни и надмине сите желби за мир кои никнуват во човечкото срце“ (бр.39). Таа е целта кон која тежнее Црквата: тоа е како што вели Библијата, „новиот Ерусалим“, „рајот“. Тоа е повеќе од некое место, станува збор за „состојба“ во која нашите најдлабоки стремежи ќе бидат исполнети во изобилство, а нашето битие како Божји созданија и деца ќе постигнат полно созревање. Ќе бидеме конечно облечени со Божјата радост, мир и љубов на потполн начин, без никакви граници и ќе бидеме лице во лице со Него! (1Кор 13,12). Убаво е да мислиме на тоа, да мислиме на небото. Сите ќе се најдеме таму горе, сите. Прекрасно е тоа, дава сила на душата!
2.Во таа перспектива убаво е да се забележи дека постои континуитет и темелно заедништво помеѓу небесната Црква и Црквата која сѐ уште е на пат. Оние кои веќе живеат пред Божјото лице можат да нè поддржат и да се застапуваат за нас, да молат за нас. Од друга страна и ние сме секогаш повикани да прикажуваме добри дела , молитва и самата Евхаристија за ублажувањето на страданијата на душите кои сѐ уште го исчекуваат вечното блаженство. Да, затоа бидејќи во христијанската перспектива разликата не е помеѓу оној кој веќе умрел и оној кој сѐ уште не е, туку помеѓу оној кој е во Христос и оној кој не е! Тој е пресудниот елемент, нешто навистина одлучувачко за нашето спасение и за нашата среќа.
3.Истовремено, Светото Писмо нè учи дека во исполнувањето на тој прекрасен план мора да биде опфатено и сѐ она што нè опкружува и што е плод на Божјиот дух и срце. Апостолот Павле тоа го потврдува на експлицитен начин, кога ни вели „дека и тие самите ќе се ослободат од ропството на распаѓањето при славното ослободување на синовите Божји“ (Рим 8,21). Останатите текстови ја користат сликата за „ново небо“ и „нова земја“ (2Пт 3,13; Отк 21,1) во смисла дека целиот универзум ќе биде обновен и еднаш засекогаш ослободен од секој белег на злото и самата смрт. Она што претстои како исполнување на преобразувањето кое всушност веќе е во тек почнувајќи од Христовата смрт и воскресение всушност е новото создавање; тоа не е поништување на вселената и сѐ она што нè опкружува, туку станува збор за тоа дека сите ќе бидат донесени до својата полнина на битието, вистината, убавината. Тоа е планот кој Бог Отец, Син и Светиот Ду отсекогаш сака да го оствари и го остварува.
Драги пријатели кога размислуваме за тие прекрасни реалности кои нè очекуваат, сфаќаме дека да припадноста кон Црквата е прекрасен дар кој во себе носи најголем впишан повик! Да ја молиме Дева Марија, Мајка на Црквата да биде секогаш со нас на нашиот животен пат и да ни помогне да бидеме како неа, радосен знак на доверба и надеж меѓу нашите браќа.
РВ/Д.И.