Драго ни е што папата Фрањо доаѓа во оваа погранична област и што нѐ упатува на иднината“, изјави бискупот на Трст, Енрико Тревизи.
Миграцијата на луѓето во Европа ќе биде централна тема на најавената посета на Папата на Трст, најави епископот Тревизи. Во интервју за порталот „Ватикан њуз“ тој рече: „Драго ни е што папата Фрањо доаѓа во оваа погранична област и што нѐ упатува кон иднината, кон другите народи и кон Црквата, која треба да биде сол и светлина“.
Бискупот потсети дека градот Трст, кој се наоѓа на границата со Словенија и Хрватска е последната италијанска точка на балканската рута по која поминуваат мигрантите. „За многу мигранти ова е попатна станица од која се обидуваат да стигнат до своите роднини во другите европски земји.
Црквите и другите хуманитарни организации во Трст со години учествуваат во организација на структури за прифаќање и поддршка на мигрантите кои пристигнуваат таму по тешкотиите на балканската рута. Стотици од нив живеат во често екстремни услови во поранешните складишта за жито во пристанишниот град, таканаречените силоси.
Според црковните податоци, минатата година во Трст пристигнале околу 15.000 луѓе, од кои речиси 20 отсто биле малолетници без придружба. Повеќе од 70 отсто од мигрантите кои пристигнуваат во Трст се преселуваат на север, повеќето од нив во Германија.
Официјалната причина за посетата на Папата на Трст е завршувањето на „50. Социјална недела“ на католиците во Италија на 7 јули, во која меѓу другите се вклучени работници и волонтери на Каритас и црковната фондација „Мигрантес“. За време на неговата последна посета на медитеранскиот пристанишен град Марсеј на крајот на септември 2023 година, Папата повика на солидарност и подготвеност да се прифатат мигрантите во Европа
Ватикан њуз/к.мк