По повод Светскиот ден на болните во Струмичката катедрала епископот Стојанов служеше света Литургија
Со свечена архиерејска Литургија предводена од епископот Киро Стојанов, која ја служеше на 13 февруари 2022 година во Катедралната црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Струмица свечено е прославен Светскиот ден на болни. Со него сослужуваа свештеници од Струмичко – скопска епархија и Скопска бискупија. Покрај верниот народ од Струмица и околните парохии, на светата Литургија присуствуваа сестри Евхаристинки, болни лица и здравствени работници. Литургиското славење беше придружувано од катедралниот хор, предводен од с. Тереза Стојкова.
Светата Литургија започна со свечена процесија, во која беа и моштите на свети Иван Павле II. кои епископот Стојанов ги подари во трајно поседување на Катедралната црква во Струмица.
На почетокот од проповедта владиката Стојанов се осврна на празникот Пресвета Богордица Лурдска и настанот со света Бернардета во Лурд, каде таа ќе доживее средба со Богордица и ќе ја опише како изгледа, истакнувајќи дека токму во Лурд многу луѓе ќе најдат утеха за душата и здравје за телото. Токму затоа што многуимна во Лурд доживеале исполнување на нивните молби, Светиот Отец папата Иван Павле II. празникот Мајка Божја Лурдска го прогласи за Ден на болните, ден кога посебно се молиме за болните и здравствените работници.
Осврнувајќи се на своите искуства од посетите на болни лица епископот Стојанов истакна дека болните луѓе се лица кои знаат да страдаат со вера и со љубов кон Бога, тие едноставно зрачат и сведочат и имаат конкретна вера и доверба во Бога.
Епископот Стојанов повика на овој празник да ја откриеме убавината на христијанската љубов, христијанската близина, христијанската солидарност и вистинското човечко сочувство кон луѓето кои страдаат. (…) Овој ден на болните нека нѐ воспита да имаме срце за човекот, да знаеме да го осмислиме крстот и никогаш да не го губиме чувството еден за друг.
На крајот од својата проповед монс. Стојанов рече: Свети Иван Павле II, кој го прогласи овој ден, Денот на болните, има посебно место во нашата Црква затоа што го воспостави Апостолскиот егзархат и именува домашен владика, па така со право денес во оваа наша Катедрала посебно место ќе имаат и неговите мошти преку кои можеме да се молиме до Господа Бога за здравје на болните и и за потребите на нашата Црква. “
Светата архиерејска Литургија заврши со процесија околу црквата со статуата на Пресвета Богордица, по што следуваше благослов и отпуст од епископот Стојанов.
Настанот се пренесуваше преку брановите на Радио Марија.
Ватикан њуз/к.мк