Во Скопје се одржа завршната седница на бискупската постапка за беатификација на преподобниот бискуп Гнидовец
Во вторник 16 мај 2023 година во Скопската резиденција во Скопје се одржа завршната седница од бискупската постапка за беатификација на преподобниот бискуп Јанез Франчишек Гнидовец.
За време на седницата Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов се заблагодари на присутните за вложениот труд, а потоа со постулаторот Џузепе Гуера, претседателот на бискупската комисија патер Винко Маслаќ, правобранителот о. Гоце Костов и записничарот о. Ванчо Назов ја потпишаа потребната документација, која потоа е запечатена.
Еден примерок од документацијата постулаторот дон Џузепе Гуера ќе ја предаде на Дикастеријата за прогласување на светци во Рим.
На завршната седница присуствуваше и вицепостулаторот Сергеј Павлиш, дон Луиџи Канато и сестри Ќерки на христијанската љубов на свети Винко Паулски (Усмиленки).
Седницата заврши со молитва за прогласување на блажен на преподобниот бискуп Јанез Франчишек Гнидовец.
Јанез Франчишек Гнидовец е Скопски бискуп од 30 ноември 1924 до 3 февруари 1939 година. Процесот на беатификација започна во Љубљана на 15 декември 1977 година во бискупски процес кој му ја додели титулата Божји слуга. Процесот се протегаше од 8 февруари 1978 година до 1984 година во кој беа собрани сведоштва на сведоци и голем дел од документацијата. На 27 март 2010 година бискупот Јанез Франчишек Гнидовец беше прогласен за преподобен откако папата Бенедикт XVI потврди дека живеел живот со херојска крепост во согласност со начелата на христијанската вера.
Ватикан њуз/к.мк