Папата во Монголија: Црквата треба постојано да го навестува Исус

Папата во Монголија: Црквата треба постојано да го навестува Исус

Вториот јавен говор Светиот Отец го одржа во сабота на 2 септември во катедралата Свети Петар и Павле во Улан Батор и потсети дека Исус е радосната вест што Црквата треба да им ја навести на сите народи

На својата прва средба со членовите на локалната црква во Монголија, папата Фрањо ги повика да вкусат и да видат колку е добар Господ, потсетувајќи дека радоста и добрината Господова остануваат со нас, помагајќи ни да ги видиме работите на нов начин.

Затоа ги охрабри бискупите, свештениците, мисионерите, монасите и монахињите, како и пасторалните работници собрани во катедралата Свети Петар и Павле да ги дадат своите животи за евангелието, кое Папата го опиша и како прекрасен начин за дефинирање на мисионерскиот повик на христијаните, посебно во Монголија.

Живот за Евангелието

Откако потсети на историјата на Црквата во Монголија, Светиот Отец се наврати на сегашноста и ги праша присутните: „Зошто некој треба да го поттроши својот живот за Евангелието?“.

Одговорот, рече Римскиот бискуп, е затоа што „Бог се направи видлив, може да се допре и да се сретне во Исус“.

Исус, истакна Папата, е радосната вест наменета за сите народи, порака која Црквата мора постојано да ја навестува, да ја воплотува во животот и срцата на секој поединец и сите култури.

Папата Фрањо ги истакна бројните каритативни иницијативи што ги презема Црквата во Монголија. Тој, исто така, ги охрабри сите собрани да продолжат да чекорат по тој пат кој се покажа како плоден и корисен за саканиот монголски народ.

Да го видиме Исус во лицата на оние на кои им служиме

Светиот Отец го истакна изворот на црковната служба, потсетувајќи ги пасторалните работници во Монголија секогаш да се враќаат кај Исус. Да се остане близок со Господ, рече тој, нè наведува да го видиме Исус во лицата на оние на кои им служиме.

Оваа служба, продолжи Римскиот бискуп, е она што е потребно во Монголија, каде што луѓето имаат чувство за светото и бараат вистинско сведоштво. Тој нагласи дека христијаните не се испратени да шират политички теории, туку да сведочат за новоста на Исусовиот однос со Неговиот Отец.

Заедништво во Црквата

Осврнувајќи се на природата на Црквата, папата Фрањо објасни дека Црквата е сиромашна во световна смисла, поткрепена само со верата и силата на Воскреснатиот Господ и е повикана да ја пренесе пораката на милост и вистина чија цел е да го промовира доброто на сите.

Тој инсистираше на хармонија која мора да постои во Црквата, под Христовото водство, истакнувајќи ја важноста на улогата на свештениците во водење на народот и градењето братство.

Во тој поглед, папата Фрањо ја истакна улогата на бискупот, велејќи дека е важно сите црковни фактори да останат цврсто обединети околу бискупот кој го претставува живиот Христос среде својот народ и да се изгради синодално единство што го проповедаме и тоа во голема мера помага при инкултурација на самата вера.

Сведоштво за Исус во Монголија

Светиот Отец ги поттикна црковните служители и сите христијани во Монголија да ја препознаат убавината на предавањето на Христос, кој ги повикува да бидат сведоци на неговата љубов во таа земја. Тоа ќе биде возможно, продолжи Папата, со негување на заедништвото и едноставноста на животот, во близина со луѓето и грижа за нив, носејќи им го на луѓето Исус со примерот на нивниот живот.

На крајот, папата Фрањо ја охрабри католичката заедница во Монголија да и се довери на Пресвета Богородица, молејќи за обновен жар и љубов, која неуморно и радосно сведочи за Евангелието.

Одете напред!, рече Светиот Отец, Бог ве сака; Тој ве избра вас и верува во вас! Потоа додаде: Близок сум со вас и од сѐ срце ви благодарам за вашето сведоштво и за вашите животи посветени на Евангелието.

На крајот ги поттикна да истраат, да бидат непоколебливи во молитвата и креативни во љубовта, цврсти во заедништвото, радосни и понизни во сè и со секого.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот