Во Скопје се одржа бдение за духовни звања
Во сабота на 10 мај во предвечерието на Неделата на Добриот Пастир, кога во Црквата се обележува Светскиот ден на молитва за нови свештенички и монашки звања, во скопската катедрала Пресвето Срце Исусово одржано е молитвено бдение кое го предводеше скопскиот парох дон Давор Топиќ. На бдението со верниците присуствуваа Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија монсињор д-р Киро Стојанов, со свештениците, монасите и богословите.
Првиот дел на бдението се состоеше од вечерна молитва на Псалми од часословот и Служба на Словото. Потоа следеше кратка хомилија во која дон Топиќ кажа „дека секој повик има удел на Божествената природа во светот. Кога молиме за звања ние молиме секој да го најде своето место во историјата на спасението. А првичното наше звање е да бидеме христијани и од тоа настојување да бидеме христијани се раѓа духовното звање. Ова бдение е потребно и за нас кои сме во свештеничкиот и монашкиот повик за да го молиме Господ да ја обнови во нас радоста на повикот како што тоа беше првиот ден кога го сврти својот поглед на нас и нѐ повика да го следиме од близу. На тој начин сме Црква која сведочи во овој свет за победата на радостната вест на Евангелието. Исто така им кажа на младите да бараат и го слушат Господ кој зборува и повикува, не плашејќи се од крстот, бидејќи тој е патот во небото.“
Во вториот дел од бдението следеа сведоштва кои зборуваа за историјата на поединечни звања. Сведоштвото за Божјиот повик во својот живот го кажа генералниот викар монс. Антун Циримотиќ, потоа Мајда Чоп го сподели со присутните своето искуство за Божјиот повик и нејзиниот одговор и влегувањето во заедницата на Фоколарите. И на крајот своето сведоштво го раскажа кандидатот за презвитер, богословот Бошко Чатлак, истакнувајќи дека слушањето на катехезите на неокатекумескиот пат се богатство за неговиот живот.
Потоа епископот Стојанов заблагодари за организацијата на молитвеното бдение во парохијата, потсетувајќи се на Годината на свештениците – 2009 во која за пример беше ставен свети Иван Марија Вијанеј. Истотака се осврна на посланието на свештениците во светот и потребата од молитва упатена до Господарот на жетвата за да испрати нови работници во своето лозје. Третиот дел од бдението беше полачасовно обожавање пред Пресветиот олтарски сакрамент.
К.мк