Во Битола промовирана книгата „Единствено во Бог е честа и славата“

Во Битола промовирана книгата „Единствено во Бог е честа и славата“

Во недела 1 октомври 2023 година во Католичката црква „Пресвето Срце Исусово во Битола е промовирана книгата „Единствено во Бог е честа и славата“ од монс. д-р Киро Стојанов, Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх. Промотори на книгата беа отец Оливер Тантушев, парох во Охрид и дон Давор Топиќ, парох во Зеница, Босна и Херцеговина.

Во промотивната реч отец Оливер Тантушев истакна дека книгата е напишана од срце со едноставен разбирлив речник, наменет за поширока читателска публика, а е резултат од согледувањата за пасторалните потреби. Отец Тантушев потенцира дека оваа книга е збогатување на македонската теолошка хомилетска литература.

Гледајќи на книгата од проповедите на бискупот, промоторот дон Давор Топиќ своето излагање го сумира во два збора: Евангелизација и Култура на читање и додаде: „Бискупот во своите проповеди го толкува словото и ни го дава како храна, како навестување, кое нè проближува и воведува во животот со Господ. Пред сè во содржината на зборовите на бискупот присутна е библиска втемеленост, јаснотија во вистината на верата и пастирска одговорност. Бискупот охрабрува и поттикнува на одење со Господ. Тој сака да застанеме и да го отвориме срцето за вечноста. Интересно е да се забележи, дека бискупот во своите хомилии често поставува прашања, како би можел читателот да застане и да дозволи Светиот Дух да го води во длабочините, односно да биде свесен за себе. Оваа книга на проповеди на бискупот ја сметам за дел на евангелизацијата, бидејќи е навестување на Христовото воскресение, кое дава надеж на секој човек.“

Во однос на културата на читање дон Давор Топиќ истакна: „Се радувам што е испечатена книгата на проповедите на бискупот и дека оваа промоција е настан на заедништво, кое покрај силната христијанска порака, дека Бог е љубов, ја промовира исто така и културата на книгата, односно читањето. Живееме во време кога се помалку се чита, а сликата како да станува поважна. Нека и оваа книга биде придонес, свесност и едукација за културата на читање. Холандскиот филозоф Риемен рече дека уништувањето на културата на читање  – (е) злосторство на векот.“

Во своето обраќање епископот Стојанов осврнувајќи се на делото од 270 страници, кое сместува 60 проповеди за неделните литургиски читања од визинтиски обред, при што систематски ги обработува Апостолот и Евангелието за секоја недела, следејќи ја литургиската година истакна дека неговата намера покрај тоа што било да понуди размислувања за неделните литургиски читања, уште повеќе нагласувајќи ја потребата да се обрне внимание, покрај Евнагелието и на Апостолот, кој исто така ни нуди вредна духовна храна, искусена преку навестувањето на апостолите.

На крајот од промоцијата епископот Стојанов се заблагодари на промоторите, водителката, за музичкиот дел, како и на дон Томаш Бак, кој ја организираше оваа промоција.

Водител на промоцијата беше Јелена Петровска, а промоцијата музички ја збогати со дела на виолина во изведба на Јована Димоска од класата на професор Валентин Наумов при Музичкото државно училиште во Битола.

к.мк

повеќе фотографии на Facebook

Категорија: Вести, Македонија

За авторот