Во Аргентина откриен најголемиот мурал во светот посветен на папата Фрањо

Во Аргентина откриен најголемиот мурал во светот посветен на папата Фрањо

Аргентинскиот уметник Мартин Рон нацрта мурал висок 50 метри посветен на папата Фрањо, откриен во центарот на Ла Плата, Аргентина, како најголемо уметничко претставување на првиот аргентински Римски епископ досега.

Најголемиот мурал во светот посветен на папата Фрањо е откриен во центарот на аргентинскиот град Ла Плата. Уметничкото дело, кое се издига на 50 метри височина на зграда во близина на Плаза Морено, го изработи познатиот муралист Мартин Рон со својот тим.

Муралот го прикажува папата Фрањо како се смее, со испружена рака, како да пушта гулаб. Прикажаната сцена е заснована на вистински настан од 2013 година, кога гулаб застана на неговата рака неколку недели по неговиот избор за Римски епископ. Сликата, која изразува симболика на мир и духовност, послужила како инспирација за ова уметничко дело.

„Сакавме делото да биде почит со врска кон небото. Затоа избравме добро позната слика на која Фрањо се смее и со испружена рака како да пушта гулаб“, изјави Рон. Изборот на мотивот траел неколку месеци, а конечната верзија била прилагодена на технички предизвикувачкиот вертикален формат на ѕидот, со широчина од пет метри и височина од педесет метри.

Ѕидот на кој е насликан муралот се наоѓа на раскрсницата 14-та и 54-та улица, а делото го благослови надбискупот на Ла Плата, монс. Густаво Карара. „Градот треба да биде место на средба, на интеграција, каде што соседите си помагаат едни на други. Се надевам дека ликот на папата Фрањо ќе нè вдахновува да изградиме култура на средба и ќе нè охрабри да чекориме по патиштата на братството и општественото пријателство“, рече надбискупот.

На свеченоста на откривањето присуствуваа градоначалникот на Ла Плата, Хулио Алак, како и бројни локални претставници, членови на верските заедници, католичките училишта, културните институции, универзитетите и стопанските комори. Настанот беше збогатен со настапи на музички групи кои создадоа празнична атмосфера.

Ика/к.мк

Категорија: Свет

За авторот