Воспитувањето е голем предизвик за Црквата
Воспитувањето за Црквата е еден од најважните предизвици – истакна папата Фрањо на 13 февруари, примајќи ги на аудиенција членовите на Групата за католичко воспитување, по повод нивното Генерално собрание. Светиот Отец по тој повод ја истакна важноста на дијалогот во католичките воспитни институции, и предупреди дека на младите им требаат вредности кои се сведочени, а не за нив само да се говори.
Големо отворено градилиште, и еден од најважните предизвици за Црквата – со тие зборови папата Фрањо ја сумираше улогата на воспитувањето во историските и културни прилики кои постојано се менуваат. После истакнувањето на врската помеѓу воспитувањето и евангелизацијата, Папата се осврна на три аспекти, почнувајќи од важноста на дијалогот во воспитувањето, земајќи исто така во обѕир дека во католичките училишта учат и ученици кои не се христијани, па и оние кои не веруваат.
Католичките воспитни институции на сите им пружат воспитен предлог кој тежнее кон целосен развој на личноста и кој одговара на правото на сите луѓе да имаат пристап до знаењето и спознавањето. Меѓутоа тие се исто така, во потполно почитување на слободата на секоја личност и методата на сопствената училишната средина, повикани на сите да им го понудат христијанскиот предлог, односно Исус Христос како смисла на животот, универзумот и историјата – напомна Светиот Отец.
Потсетувајќи дека Радосната вест Исус ја навестуваше во „Галилеја на народот“, на раскрсницата од личности различни по раса, култура и вера, Папата забележа дека таа средина, во одредена смисла наликува на денешниот свет. Истовремено истакна дека актуелните големи проблеми бараат од воспитувачите да се соочуваат и дијалогизираат. Втор аспект кој го истакна папата Фрањо е стручната подготовка на воспитувачите, во која – како што рече – не може да се импровизира. Бидејќи воспитувањето е насочено кон поколение кое се менува, секој воспитувач затоа – како и целата Црква која е мајка воспитувачка – е повикан на промени, во смисла да знае да комуницира со младите кои ги има пред себе.
Воспитувањето е чин на љубов, тоа е давање на живот – истакна потоа Папата. А љубовта бара, бара да се вложат најдобри средства, да се разбуди занесот и трпеливо да се тргне на пат заедно со младите. Воспитувачот во католичките училишта мора пред сè да биде многу меродавен, стручен и истовремено богат со човечност, способен да биде меѓу младите во педагошки стил, како би го поттикнувал нивниот човечки и духовен развој.
На младите им е потребна квалитетна поука и целокупност на вредностите, меѓутоа кои не се само предложени, туку и сведочени – напомна Светиот Отец и предупреди дека постојаноста е незаобиколен суштински фактор во воспитувањето на младите. Не може да се воспитува без постојаност и без сведоштво. Затоа и на самиот воспитувач му е потребна постојана формација. Потребно е – истакна Папата – да се вложува како би можеле наставниците и управниците да ја одржат високо својата професионалност, како и својата вера и силата на своите духовни поттици. Затоа Светиот Отец препорача одржување на духовни вежби за воспитувачите, како и повремено повлекување во осаменост, бидејќи – како што рече – за постојаноста е потребен труд, но тоа најмногу е дар и милост. А ние треба да ја бараме!
На крајот Светиот Отец се осврна на воспитните институции, односно католичките и црковните училишта и универзитети. Распрснати во светот, тие институции се одговорни за изразувањето на живата присутност на Евангелието на подрачјето на воспитувањето, науката и културата – рече папата Фрањо и истакна дека католичките академски институции не треба да се одделуваат од светот, туку треба да знаат храбро да влезат во просторот на сегашната култура и да влезат во дијалог, свесни за дарот кој го имаат и кој може да им го понудат на сите луѓе.
РВ/С.С.