Во катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје во сабота 15 април 2017 година Велигденското бдение го предводеше Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија,монс. д-р Киро Стојанов во сослужение со катедралниот парох дон Давор Топиќ, директорот на Каритас и на Радио Марија Македонија монс. Антун Циримотиќ и парохискиот викар дон Јошт Мезег. Велигденското бдение започна со благослов на огнот пред катедралата, а потоа светлината беше внесена во катедралата додека свечената песна на велигденската свеќа ја отпеа парохискиот викар дон Мезег.
По службата на словото бискупот Стојанов во проповедта рече: „Браќа и сестри, во оваа света ноќ кога го празнуваме Христовото воскресение одново стануваме сведоци на силата на невербалното, на литургиските симболи и знаци застапени во обредите на овој величествен празник со кој се означува сето она што само со верата го допираме. Затоа, честопати сме во заблуда кога мислиме дека само зборот ја има вистинската сила во комуникацијата на човекот. Но мноштвото зборови што вечерва ги слушаме како и знаците кои ги гледаме употребени се за она за што преку нив Бог вечерва ќе ни го порача“.
„Браќа и сестри, што треба да правиме кога нашата најинтимна духовност ќе допре таинство составено од зборови и знаци преку кои Бог сака нешто да ни порача? Најнапред да ја отвориме сопствената внатрешност и да не се плашиме од темнината која можеби господари во нашата внатрешност зашто и гробната темнина со Христовото воскресение стана светлина. Во источната литургија и иконографија воскресението од гробот не е толку нагласено колку што е симнувањето во царството на мртвите и ослободувањето на оние кои се затворени во смртта – заробени од Адам сѐ до разбојникот на крстот. Да дозволиме Христос да се симне во нашата внатрешност, да ги осветли темните комори на нашето срце и да го разбуди вистинскиот човек кој можеби спие во нас или пак е оневозможен и ограничен од многу зависности, со еден збор не е вистински човек. Да допуштиме Христос со своето воскресение да нè разбуди, зашто воскресна за да станеме нови луѓе за кои зборува апостолот Павле, нови луѓе како нов квасец и како нов живот. Ако Велигден не нè поттикне на таква длабочина во нашата внатрешност тогаш тоа е само еден настан преоптоварен со церемонии и обичаи, но не и поттик да бидеме подобри луѓе.
На секое празнување на Велигден му претходи драмата на Великиот Петок. Тие кои му се верни на Исус не може да бидат обезглавени или уплашени од тој чин, туку во тмурните облаци од Великиот Петок ја насетуваат зората на воскресението.
Браќа и сестри, и покрај тоа што тмурни облаци надвиснаа и над нашата Татковина, па ние христијаните од Исток и Запад со сите луѓе со добра волја чувствуваме дека зората на воскресението и нам ни е на повидок, затоа тука сме да ја препознаеме таа зора и за неа да молиме.
Желба ми е на сите нас тука присутни, но и на слушателите и на гледачите на Македонската Радио Телевизија, Христовото воскресение сите да нè допре, Христос да слезе и да влезе во нашата внатрешна темнина и во неа да го воскресне подобриот човек. Да бидеме повеќе луѓе, да бидеме подобри луѓе и само на тој и таков начин да го прославиме Христовото воскресение – Христос воскресе! Алилуја!“
Бискупот Стојанов по проповедта ги поздрави приустните гости, претседателот на Владата Емил Димитриев, претставник на МПЦ, а исто така ги пренесе поздравите и честитките од државниот врв како и од нунцијот за Македонија надбискупот Анселмо Гвидо Пекорари, како и од митрополитот за Скопската бискупија надбискупот врхбосански кардиналот Винко Пулиќ.
За време на мисата пееше катедралниот хор „Пресвето Срце Исусово“ под водство на диригентката сестра Татјана Атанасова, а придружбата на оргули беше на Дарко Мариновски.