Основната христијанска мисија, на која сака да нѐ предупреди и денешниот празник Вознесение Господово со кое Исус го исполнил својот план за спасението меѓу нас луѓето, е да се биде навестител на радосната вест – евангелието на Бог кој нѐ љуби. Оваа радосна вест не ни припаѓа само на нас, туку на сите луѓе. Затоа од неа произлегува и мисијата: „Одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух, и учејќи ги да пазаат сѐ што сум ви заповедал; и ете, Јас сум со вас преку сите дни до свршетокот на светот“ (Мт 28, 18-20).
Величенствен е овој повик, најубав од сите повици. Многу христијани тоа не го разбираат, дури и се срамуваат од тоа што се христијани и од мисијата да се биде христијанин. Затоа свети Павле упатува молитва за Црквата во Ефес, а со неа и до Црквата на сите времиња: „Бог на нашиот Господ Исус Христос, Отецот на славата, да ви даде дух на мудрост и откровение, за да Го познаете, и да ги просвети очите и срцата ваши, за да увидете, во што се состои надежта на повиканите од Него, колкаво е богатството на славата од наследството Негово во светиите, и колку е неизмерна величината на Неговата сила во нас, кои веруваме преку дејството на Неговата крепка сила“ (Ефесјаните 1, 17-19).
Можеби оваа радосна вест на евангелието за Бог кој нѐ љуби, за славата во неговото наследство меѓу светиите, ни изгледа утопија, сон за светоста? Таа всушност е и тоа доколку нашиот поглед го впериме само кон небото и не ја погледнеме реалноста која нѐ опкружува. Затоа сме и повикани својот поглед од небото да го спуштиме кон земјата за Бога кој нѐ љуби, за светоста, за подобар и поправеден свет, за да би го претвориле овој сон во конкретен живот кој го живееме: „И додека гледаа кон небото, кога се вознесуваше Он, одеднаш пред нив застанаа двајца мажи во бела облека, и рекоа: ‘Луѓе Галилејци, што стоите и гледате кон небото? Овој Исус, Кој од вас се вознесе на небото, ќе дојде пак по истиот начин, како што Го видовте да оди на небото“ (Дела 1, 10-11).
(…) Се исплатува да се сонува, да се има визија. Сите светци биле утописти, сонувале за подобар свет, кои сонувале гледајќи во небото и учејќи од она што Бог направил за нас. Нивниот сон на сите им се реализирал бидејќи својот поглед кој бил насочен кон небото и инспирирани од небото, знаеле да го спуштат кон земјата, кон нејзините потреби и проблеми, кон потребите и проблемите на човекот од времето и просторот кој им бил даден. И секој од нив зад себе оставил подобар свет од што го нашол.
Денешниот празник Вознесение Христово на небото, кое го нарекуваме и Спасовден, е доказ дека сонот за човекот воздигнат во заедништво со Бога може да стане реалност, бидејќи „Христовото вознесение е исто така и наше воздигнување, бидејќи во надежта сите сме повикани во славата, каде што пред нас влегол Христос.“ Гледајќи кон небото и сонувајќи сон за Бога кој нѐ љуби да се обидеме ова со вера да го прифатиме, но и инспирирани со она што сме го виделе и свесни за нашата основна христијанска мисија, да се обидеме радосно да го навестуваме тоа на сите кои ќе ги сретнеме и кои исто така имаат потреба за таков сон и за неговата радосна порака.
Дубровачка Бискупија/З.А.