Денес го славиме празникот на Вознесението Господово. Словото Бoжјо не само што стана тело, туку се вознесе на небото со своето човештво, кое е исто така и наше! Вознесението Господово е негова победа, но исто така сигурен опит за нашата победа. Се вели, всушност, во една молитва, славејќи го Бога: „во твојот вознесен Син на небото покрај Тебе е вознесено нашето човештво, и ние, членови на неговото тело, живееме во надежта да го достигнеме Христос, нашата глава, во славата“.
Исус, пример на поклоник
Исус влегува на сцена во историјата претставувајќи се како „патот, вистината и животот“ (Ив 14,6). Со своето овоплотување, Христос станува дел од историјата на човештвото и „на некој начин се обедини со секој човек“. Синот Божји слезе од „Божјите услови“ за да стане тело“ (Ив 1,14) и да се стави на патот на човекот: „Бог лично дојде да му зборува на човекот за себе и да му го покаже патот по кој може Него да го најде. Сета човечка и Божја егзистенција на Исус е едно поклоничко патување. Всушност, тој е вистинскиот поклоник, бидејќи неговото патување е одење и враќање. Исус вели: „Излегов од Отецот и дојдов во светот; сега пак го оставам светот и одам при Отецот.“ (Ив 16,28). Свети Августин вели: „Како Слово, тој е Вистина и Живот; со своето овоплотување тој станува Пат“. Исус е нашиот Пат, Тој е нашиот водич и исто така нашата цел.
Свети Лука го претставува Исусовиот живот како големо патување кон Ерусалим, еден вид на „духовно патување“, за да се жртвува, да умре за гревовите на луѓето и да воскресне за нивно спасение. Исусовиот пат е оној на еден беден патник, „кој нема каде главата да ја ослони“ (Лк 9,58). Но Тој не е еден погрешен поклоник, кој не знае што треба да направи и не ја знае својата цел, дури и во најтешките моменти: Тој одеше низ селата и градовите на Светата Земја „благословувајќи ги и оздравувајќи сите оние кои беа нападнати од ѓаволот, затоа што Бог беше со Него.“ (Дела 10,38).
Патувањето на Исус не заврши на врвот на Голгота. Дефинитивниот чекор на своето поклонничко патување започна на планината на Вознесението. Воскреснатиот Господ и вознесен на небото, додека ветуваше дека ќе се врати, одеше кон куќата на Отецот за да приготви место, затоа што каде што ќе биде Тој, исто така и ние да бидеме со Него“ (сп. Ив 14, 2-3).
Место на вознесението
Се наоѓаме на врвот од Маслиновата Гора за да го придружуваме Исус во неговото Вознесение. Свети Марко вели само дека „Господ се вознесе на небото“ (Мк 16,19), без дополнителни детали. Свети Лука ни дава некои нови елементи: бил „надвор од градот, на пат кој водел кон Витанија“ (Лк 24,50); и додава дека Апостолите откако му се поклонија, се вратиле во Ерусалим со голема радост.“ (Лк 24, 51-52). Враќањето било „од Маслиновата гора, која е близу Ерусалим колку еден саботен ден одење“ (Дела 1,12). Тоа е отприлика еден километар, т.е. растојанието од гората до градските зидини. (…)
Христијанинот, полклоник кон бесконечноста
Што ни вели денес овој празник? Тој нѐучи на една многу едноставна вистина: на ист начин дека Христос излегол од Отецот за да живее овде на земјата и, четириесет дена по неговото воскресение, ја напушти земјата за да се врати на небесата, исто така и човекот, кревка вазна на доброто и злото, е предодреден да го помине истиот пат и да стигне до истата цел. Маслиновата гора нас нѐ потсетува дека човекот не е само материја, тело, земја, туку тој е исто така и дух, бесмртна душа; и како што се случи со Христос – „главата на Мистичното Тело“, од кое христијанинот е дел од оваа тело -, исто така и човекот треба да се врати кај Отецот. Вознесението Господово е прославувањето на човекот, на неговото човештво, на неговото достоинство.
Вознесението Исусово всушност е надеж за човекото одење во небото, нашата земја од каде што потекнуваме, кое ни дава смисла за нашиот живот. Вознесението е надеж на која сите сме „повикани“, како што вели свети Павле: „Затоа што, без надеж во небото, нашиот живот овде на земјата не би имал смисла, бидејќи небото е створено за луѓето. Ние тежнееме кон „небесниот“ Ерусалим (Гал 4, 25-26), кон „идниот“ град (Ев 11, 14-16), кон небесната татковина (Ев 11, 14-16), кон „новиот Ерусалим“ (Откр 13,12).
Исус не нѐ остави сами „сираци“; Тој нѐ остави само за да оди да приготви место во небото, во куќата на Отецот. Нѐ остави само на видлив начин, но не како сираци, откако нѐ научи да го следиме патот, и со повик да го следиме (сп. Ив 14,12). Ни вети дека ќе биде секогаш со нас „сите денови сѐ до свршетокот на светот“ (Мт 28,20). Тој остана жив и активен во Црквата. (…)
Фра Артемио Виторес/З.А.