Воздвижение на Чесниот Крст – Крстовден

«Дрво плодоносно и прославено»

“Никој не се искачи на небото, освен Синот Човечки, Кој слезе од небото и Кој пребива на небото. И како што Мојсеј ја подигна змијата во пустињата, така треба да се издигне и Синот Човечки, та секој што верува во Него, да не загине, но да има живот вечен. Зашто Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен. Оти Бог не го испрати Својот Син во светот за да му суди на светот, туку светот да се спаси преку Него.“ (Ив 3, 13-17).

Денес крстот не е претставен повеќе во својот аспект на страдање, на стриктна потреба за живот или исто така за патоказ по кој да се следи Христос, туку во неговиот прославен аспект, како мотив за гордост, а не за плачење.

Пред сѐ да речеме нешто за потеклото на празникот. Тој потсетува на два настани временски оддалечени меѓу себе. Првиот е инаугурацијата, од страна на царот Константин, во 325 година. Другиот настан, кој датира од седмиот век, е победата на христијаните над Персијците која доведе до враќање на реликвијата од крстот и на неговото триумфално враќање во Ерусалим. Со тек на времето, празникот доби автономно значење: стана радосна прослава за тајната на крстот кој, како средство за срам и тортура, Христос го претвори во средство за спасение.

Сепак важно е да се потсетиме на парадоксот за спасението, посведочено од амбивалентноста на воздвижувањето (крст и слава, смрт и живот), во кое максимално се совпаѓаат љубовта и болката. Сигурно не е очигледно да се разоткрие Христовата љубов која го поттикнува за да ги зеде врз себе гревовите со сите нивни последици (страдание, смрт, отфрлање од луѓето и напуштувањето на Бога); и само после еден смртноносен и победоносен судир може да ни го дарува истиот свој живот! Ова не е и не треба да се земе како еден расказ, приказна, сеќавање… тоа би било како да се има вера само кога сѐ е во ред! (…)

***

Оваа тајна на слегување и на откривање која ќе биде исполнета на крстот, кога Исус ќе биде воздигнат во славата е во корист на оној кој верува во Него за да има живот вечен (сп. р. 15).

Луѓето тогаш ќе можат да го разберат скандалозниот и шокантен настан на спасението преку крстот и да се излекуваат од сопственото зло, како што некое време евреите беа исцелувани од каснувањата на отровните змии во пустината, гледајќи ја бронзената змија која Мојсеј ја беше подигнал како знак на животот (Броеви 21, 4-9). Употребата на симболиката за змијата на Мојсеј не се однесува само на еврејското толкување надминувајќи ја, туку ја потврдува вистината дека спасението е во потчинувањето на Бога, во насочувањето на погледот во распнатиот Христос, вистински чин на вера која го предвестува вечниот живот.

За евангелистот Иван, вечниот живот не го означува само идниот живот, туку една реалност која е веќе во дејство и делува за оние кои веруваат. Затоа повторното раѓање на човекот кој живее во „пустината“, закануван од смртта, поврзано е со крстот, бидејќи ова е местото каде што Исус му ја покажува на светот својата целосна посветеност и своето заедништво во љубовта со Отецот: токму со жртвата на животот ќе ја изрази љубовта која што Бог ја има за секој човек.

***

Да не заборавиме колку настојуваше тогаш како кардинал Јозеф Рацингер за знакот на крстот: „Да се прекрстиш со знакот на крстот е едно видливо и јавно ‘да’ на Оној кој страдаше за нас; на Оној кој во телото ја направи видлива Божјата љубов до крајност; на Бога кој не владее преку уништување туку преку понизноста во страданието и љубовта, која што е посилна од целата моќ на светот и помудра од целата интелигенција и од сите човечки пресметувања. Знакот на крстот е едно исповедање на верата: јас верувам во Оној кој страдаше за мене и воскресна; во Оној кој го претвори знакот за скандал во знак за надеж и за љубов присутна во Бога за нас. Исповедањето на верата е едно исповедање на надежта: верувам во Оној кој во својата слабост е Семоќен“.

Надбискупија Верчели/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Размислување, Свет

За авторот