Монс. Пицабала: Во Газа се живее Велики петок

Монс. Пицабала: Во Газа се живее Велики петок

 Апостолскиот управител на Латинско ерусалимскиот патријархат за Радио Ватикан рече дека христијаните во Светата Земја живеат од надежта која им ја дава воскреснатиот Христос.

За христијаните во Светата Земја Велигден е пред сè средба со Исус Кој умре и воскресна – рече за Радио Ватикан надбискупот Пјербатиста Пицабала апостолски упавител на Латинско ерусалимскиот патријархат и додаде дека тој пристап им дава смисла на нивното останување во Светата Земја, но исто така им дава ориентација на нивните дела, мисли и зборови. Тоа им помага и да ја искористат приликата за анализа на состојбата и да размислуваат од каде да започнат одново посебно во контекст на израелско-палестинскиот конфликт и ерусалимското прашање, замрсената ситуација за кои е сѐ потешко да се пронајде соодветно решение и од кои – според зборовите на надбискупот – меѓународната заедница е веќе уморна.

Надбискупот Пицабала неодамна заедно со останатите патријарси и црковни поглавари во Ерусалим потпиша порака со која ги повикуваат верниците соочени со насилство, вознемиреност и неправда кои го газат човечкото достоинство, да црпат сила од претстојните воскресни славења. Насекаде, но пред сè овде мора многу да вложуваме во пријателството, братството, врските помеѓу луѓето, заедничкиот живот, односите – рече надбискупот осврнувајќи се притоа на документот кој во Абу Даби го потпишаа папата Фрањо и големиот имам на џамијата Ал-Азхар и дека тој со многу други слични документи им дава ориентација и го означува начинот на нивното присуство на Блискиот Исток во иднина. Имаме ѕидови, многу поделби, дури и меѓу христијаните, меѓу народите и верите – рече апостолскиот управител и додаде, затоа е важно да се вложува во братството.

Исус дефинитивно е Господовото „да“ на човекот и „да“ за радоста и животот. Ако радоста ја очекуваме од надвор не знам дали ќе ја видиме, но ако таа произлегува од внатрешни, јасни, решителни одлуки, тогаш можеме да ја имаме овде – рече надбискупот Пицабала и се присети на христијанските заедници во Светата Земја кои живеат во најтешки услови посебно оние на подрачјето на Газа каде нема струја, а вода има малку и луѓето немаат ниту работа ниту перспектива. Тие се приликите на Велики петок – рече надбискупот и исто така се осврна на многу бегалци сместени во Јордан, потоа на народот во Сирија и Ирак и на многу други во нивното опкружување кои страдаат.

Прославата на Велигден се состои во Христовата смрт и воскреснеие. Ние христијаните сме повикани секогаш да го даваме тоа сведоштво и не смееме да дозволиме смртта да нè држи во своите раце – поттикна надбискупот Пицабала и додаде, смртта не е само таа физичката, туку исто така значи став дека во нашиот живот ништо не може да се промени. Ние христијаните нема да го промениме светот, сигурно нема да ја промениме судбината на два милиони луѓе во Газа, но таму каде се наоѓаме можеме да им дадеме смисла на делата на љубовта кои успеваме да ги направиме дури и ако се малку, создавајќи притоа врски и донесувајќи малку светло каде што е можно – рече апостолскиот управител на Латинско ерусалимскиот патријархат и заврши: Во целиот свет постои сенката на смртта и по целиот свет мора да го носиме тоа мало но важно и одлучувачко сведоштво – надежта која доаѓа од воскреснатиот Христос.

Категорија: Вести, Свет

За авторот