Воведение на Пресвета Богородица

Воведение на Пресвета Богородица

Денес Мајката Црква го празнува празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот

Денешниот празник на Пресвета Богородица има свое значење, не само затоа што богоугодно се сеќаваме на една тајна од животот на Онаа, која самиот Бог ја одбрал за Мајка на неговиот Син, а со тоа и за Мајка на Црквата, тајна на нејзиното потполно дарување, посветување на Бога влегувајќи во храмот, туку и затоа што денешниот празник е еден конкретен екуменски чин помеѓу сестринските Цркви од христијанскиот Запад со христијанскиот Исток. Во воведот од Молитвеникот на Божјиот народ пишува: „На денешен ден (со осветувањето на црквата Света Марија во 543 година изградена во близина на ерусалимскиот храм), заедно со христијаните од Источен обред го славиме ‘посветувањето’ на Марија која од своето детство се посветила на Бога, поттикната од Светиот Дух, со чија милост била исполнета во нејзиното безгрешно зачнување“.

За воведувањето на Богородица во храмот не ни зборува ниту една книга од Светото Писмо, но затоа за тој настан доста опширно пишуваат апокрифите, оние текстови кои Црквата не ги признава како инспирирани, па затоа и не ги вклучила во листата од канонот на библиски книги. Корисно е кратко да спомнеме што пишуваат апокрифите за Воведението на Пресвета Богородица. Според нив овој чин бил многу свечен. А се случувале и чудесни настани. Родителите на Марија му ја ветиле на Бога и ја довеле во храмот кога таа имала три години. Тоа се случило во придружба на голем број еврејски девојки кои во рацете носеле запалени факели. На церемонијата учествувале и поглаварите на храмот, дури и самите ангели, кои цело време пееле од радост.

До влезот во храмот имало 15 скалила, по кои Марија самата се искачила, иако била сѐ уште мала. Апокрифите уште зборуваат дека Марија во храмот се хранела со необична храна, која самите ангели ѝ ја носеле и дека таа не живеела со другите девојки, туку во Светињата над Светињите.

Сето тоа се побожни и неосновани размислувања на апокрифните писатели. Сепак, како еден литературен жанр може да имаат некое значење. Тоа би било она што на надворешен, чувствителен начин сака да се опише и да се допре до реалноста која е невидлива, реалноста дека Марија од првиот момент на своето постоење била полна со благодат, дека била одбрана да биде Богородица, со кое ги надминува и самите ангели.

Бог со својата благодат го подготвил телото на Марија да стане храм на Божјиот Син, Светиња над светињите, каде што се вселил и се овоплотил Најсветиот, Синот Божји. Света. Марија била избрана, воведена во храмот и посветена на Бога зашто била повикана за големи работи, за остварувањето на Божјиот план за спасението на човекот. Кога ги читаме инспирираните текстови од Светото Писмо, кои зборуваат за Марија, тогаш и денешниот празник ни станува појасен. Станува збор за тајната на овоплотувањето во која и Марија била вклучена со сето свое битие.

МОЛИТВА:

О, Девице Маријо, научи нѐ да веруваме, да се надеваме и да те љубиме. Покажи ни го патот кон Исусовото царство, патот на духовното детство. Ти Ѕвездо на надежта која нестрпливо нѐ очекуваш во светлината без зајдисонце на небесната Татковина, осветли нѐ и води нѐ низ секојдневните настани сега и во смртниот ни час. Амин.

Свети Оче, испрати ми го Светиот Дух, направи Твојот Дух потполно да ме соедини со Твојот возљубен Син Исус Христос во срцето на Безгрешната Девица Марија. Оче, твојот план на љубовта и мирот потполно да се оствари во мојот живот. Амин.

Битно.нет/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот