Вистинскиот мир не е наш производ, туку дар на Светиот Дух

Вистинскиот мир не е наш производ, туку дар на Светиот Дух

Вистинскиот мир не можеме да го произведеме ние, затоа што тој е дар на Светиот Дух – рече папата Фрањо, во вторникот на 16 мај 2017 година, во проповедта на светата Литургија во домот Света Марта.

Освен тоа, истакна дека мирот без крстот не е Исусов мир, и напомена дека во нашите неволји мирот може да го даде само Господ.

„Мирот свој ви го оставам, мирот свој ви го давам“ – Светиот Отец проповедта ја започна поаѓајќи од Исусовите зборови кои ги кажа на ученици на Последната вечера. Притоа се задржа на значењето на мирот кој ни го дарува Господ. Делот од Делата на светите апостоли, од денешното прво читање – рече Папата – зборува за големите неволји кои Павле и Варнава ги имале на своите патувања на кои го навестувале Евангелието. Дали тој е мирот кој го дава Исус? – праша папата Фрањо и веднаш рече дека Исус истакнува дека мирот кој Он го дава не е оној кој го дава светот.

Светот сака умртвен мир кој не ни дозволува да го видеме крстот

Мирот кој ни го нуди светот – според зборовите на Папата – е мир без неволја; тој ни нуди вештачки мир, мир кој се сведува на „смиреност“. Станува збор за мир – додаде – кој гледа само на сопствените работи, сопствените гаранции, ништо да не недостасува; слично како мирот на богатиот од параболата. Таа смиреност, меѓутоа, нè прави затворени, да не гледаме „понатаму.“

Светот ни го покажува патот на мирот со анестезија – рече папата Фрањо. Нè умртвува за да ја видиме другата реалноста на животот, а тоа е крстот. Заради тоа Павле ни вели преку многу неволји ќе влеземе во царството Божјо. Но, дали е можно да се има мир во неволјите? Од наша страна не – вели Папата – ние не сме способни да постигнеме мир кој би бил „спокој“, психолошки мир, мирот кој сами сме го постигнале, затоа што неволји има… има болки, болести, тага за починатите… Мирот кој го дава Исус е дар, дар на Светиот Дух. Тој мир оди меѓу неволјите и оди напред. Не е тоа некој вид на стоицизам. Тоа е нешто друго – истакна Папата.

Божјиот мир не може да се купи, без крстот нема вистински мир

Божјиот мир е дар кој ни помага да одиме напред – рече потоа Светиот Отец. Откако им го даде мирот на своите ученици, Исус трпи во Гетсеманската градина; таму сè предава на волјата на Отецот и трпи, но не му недостасува Божјата утеха. Навистина, Евангелието ни вели дака му се објавува ангел и го охрабрува.

Божјиот мир е вистински; влегува во реалноста на животот, тој не го негира животот. Животот е таков – рече Папата – има страдања има болести, има многу лоши работи, војни… но оној мир одвнатре, кој е дар, тој не се губи; се оди напред носејќи го крстот и страдањето. Мирот без крстот не е Исусов мир, туку тој е мир кој може да се купи, кој ние можеме да го произведеме. Но, тој мир – според зборовите на Папата – не е траен; исчезнува.

Да молиме за милоста за внатрешен мир, дарот на Светиот Дух

Кога некој ќе се разлути, го губи мирот – рече потоа папата Фрањо. Кога моето срце се вознемирува – додаде – тоа е заради тоа што не сум отворен за Исусовиот мир, затоа што не сум способен да го носам животот онака како што тој доаѓа, со крстови и болки. Мораме, напротив, да бидеме способни да ја молиме од Господ милоста на Неговиот мир.

Преку многу неволји треба да влеземе во Царството Божјо – повтори Папата и ја истакна милоста на мирот, милоста да го загубиме внатрешниот мир. Зборувајќи за тоа еден светец кажал: Животот на христијанинот е ходочастие помеѓу прогонството од светот и утехата Божја – рече Папата потсетувајќи на зборовите на свети Августин. Нека Господ ни даде добро да сфатиме каков е мирот кој Он ни го дарува преку Светиот Дух – посака на крајот папата Фрањо.

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот