Виетнамските епископи му рекоа на папата Лав дека нивната Црква е семејство

Виетнамските епископи му рекоа на папата Лав дека нивната Црква е семејство

Во рамките на нивната посета ad limina во Ватикан, виетнамските епископи се сретнаа со папата Лав XIV, а епископот Доминик Нгуен Туан Ан ја опиша аудиенцијата како братска и срдечна.

По враќањето во Ватикан од 11-дневното апостолско патување низ четири африкански земји, распоредот на папата Лав XIV во Рим продолжи веднаш. Утрото по враќањето од Екваторска Гвинеја, тој ги прими епископите од Виетнам, кои престојуваат во Ватикан во рамките на нивната посета ad limina.

Посетата ad limina Apostolorum, која епископите ја остваруваат во заедништво со Апостолскиот Престол, има за цел да ја зајакне нивната одговорност како наследници на апостолите и нивното хиерархиско заедништво со наследникот на Петар. Средиште на оваа посета е молитвата на гробовите на светите Петар и Павле, а таа претставува и важен момент во пастирската служба на Папата, кога тој се среќава со епископите за да разговара за прашања поврзани со нивната црковна мисија.

По папската аудиенција, епископот Доминик Нгуен Туан Ан од епархијата Сјуан Лок ја опиша средбата како братска, велејќи дека и „по долгото патување во Африка, Папата утрово одвои време да се сретне со нас од сè срце“.

Со околу седум милиони католици, Виетнам е дом на петтата најголема католичка заедница во Азија. Епископот Нгуен Туан Ан пренесе дека Папата бил среќен што слушнал за локалната Црква во земјата, која епископот ја опиша како Црква со „силна вера“. Тој додаде дека во свет што сè повеќе е обликуван од технологијата, виетнамската Црква работи да одговори на прашањата поврзани со верата, вештачката интелигенција и масовните медиуми.

Затоа, епископот ја нагласи потребата од „обединување“ за соочување со овие современи предизвици.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот