Папата Фрањо во четврток 31 јанаури 2019 година по повод апостолската посета на Обединетите Арапски Емирати упати видео порака до народот на оваа арапска земја
„Земјата која се обидува да биде модел за соживот, човечко братство и средба на различни цивилизации и култури, каде многумина наоѓаат сигурно место за работа и слободно живеење, со почитување на различноста“, со тие зборови папата Фрањо го карактеризира народот во Обединетите Арапски Емирати.
„Ме радува средбата со народот кој ја живее сегашноста со поглед вперен во иднината“ – додава Светиот Отец и се заблагодарува на властите во Обединетите Арапски Емирати „за одличната соработка, великодушната гостољубивост и братското заедништво кое благородно го понудија за реализација на оваа посета“.
Папата во пораката го поздравува големиот имам на Ал-Азхар, Ахмед Ал –Тајеб и сите оние кои учествувале во подготовката на посетата и се заблагодари за „храброста и подготвеноста да потврдат дека верата во Бог обединува, а не дели, приближува и покрај оддалеченоста, оддалечува од непријателството и аверзијата“.
Ватикан њуз/к.мк