Верата во Бог ослободува од оковите на стравот, егоизмот и власта

По повод празникот Свети Петар и Павле главните заштитници на градот Рим, Светиот Отец на почетокот на проповедта на свеченото Евхаристиско славење во Ватиканската базилика во недела 29 јуни, искажа добредојде на членовите на делегацијата на екуменскиот патријарх, Вартоломеј I, на чело со митрополитот Јоанис и посака ова средба да ја зацврсти братската поврзаност на патот кон потполното единство на сестринските Цркви.

По традиција на празникот на светите првоапостоли Петар и Павле, Светиот Отец положи палиј на рамењата на 24 нови архиепископи митрополити.

Папата потсети на почетоците на Црквата и Петровата служба, кога во Ерусалим владеал голем страв од прогоните на Ирод на некои членови на Црквата. Јаков го убил, а Петар го фатил и затворил, со што сакал да му се допадне на народот. Додека бил во затворот и окован, Петар слушнал глас на Ангел: „Брзо стани! Опаши се и обуј си ги чевлите, облечи си ги и алиштата свои и врви по мене! (Дела 12, 7-8). Оковите паднале, а затворската врата сама се отворила. Петар забележал дека Господ го украде од рацете на Ирод; дека Бог го ослободил и од стравот и од оковите. – Да, Господ нѐ ослободува од секој страв и од сите окови, за навистина да бидеме слободни – рече Папата. Овој настан убаво го изразуваат зборовите од псалмот: „Господ ме ослободи од секаков страв.“

Еве ни и проблем: страв и бегството. Од што се плашиме? Ако веќе се плашиме во што бараме засолниште во својот пасторален живот за да бидеме на сигурно? Бараме ли можеби поддршка кај моќниците од овој свет. Или можеби се препуштаме на измамата на горделивоста, која бара благодарност, признание и во што се чувствуваме некако сигурни? Во што, драги браќа и сестри ја полагаме својата сигурност? – праша Папата.

Потоа Папата рече како сведоштвото на Петар нѐ потсетува дека наше вистинско засолниште е довербата во Бог, бидејќи таа го оттргнува секој страв и нѐ ослободува од секое ропство и секое световно искушение. Римскиот епископ и останатите епископи, а посебно митрополитите кои примија Палиј, денес со примерот на свети Петар се чувствуваме поттикнати да ја провериме својата доверба во Господ.

Светиот Отец потсети и на тоа дека Петар повторно наоѓа доверба кога после неговота тројна слабост, Исус три пати повтори: Паси ги овците мои (Ив 21, 15.16.17), а Он од своја страна три пати ја исповеда својата љубов кон Исус, оправдувајќи се така за она тројна слабост. Петар не се чувствува повеќе сигурен во себе и во своите сили, туку во Исус и во Неговото милосрдие: Господи, Ти сѐ знаеш; ти знаеш дека Те љубам (Ив 21, 17). Овде исчезнува стравот, несигурноста, кукавичлукот – рече Папата.

Петар со искуство ја доживеа Божјата верност поголема од нашето неверство и посилна од нашите слабости; Да, Господовата верност ги растерува нашите стравови и ја надминува човечката фантазија. И на нас Исус ни го упатува истото прашање: Ме љубиш ли? Он ги познава нашите стравови и тешкотии. Петар ни го покажува патот: доверба во Него, кој сѐ знае за нас, доверувајќи се, не толку во нашата способност за да му бидеме верни, колку во Неговата непоколеблива верност.

Исус никогаш нѐ не напушта, не може себе да се одрече (2 Тим 2, 13). Верен е. Верност која Бог постојано ни ја потврдува на нас пастирите, над сите наши заслуги, темел е нашата доверба и мирот. Господовата верност во нашите борби секогаш во нас ја одржува желбата да Му служиме со љубов на Него и на браќата.

Исусовата љубов му е доволна на Петар. Не смее да се приклони на искушението на љубопитноста, како кога Иван го виде во близина, па го прашува Исус: Што ќе биде со него (Ив 21,21). Тебе што ти е?! Ти врви по Мене – му одговори Исус (Ив 21,22). Ова искуството на Петар е важна порака за нас, драги собраќа надбискупи. Господ денес и на мене и на вас и на сите пастири вели: Следи ме! Не се губи во прашањата и во бескорисните приказни, туку гледај на суштинското и следи Ме – нагласи Папата.

Следи Ме без оглед на тешкотиите; следи Ме во навестувањето на Евангелието, следи Ме во сведочењето со живот соодветен на примената милост на крштението и светото ракополагање. Следи Ме, зборувајќи за Мене на оние со кои живееш, секој ден во тешкотиите на работа, дијалогот и пријателството. Следи Ме во навестувањето на Евангелието на сите посебно на последните, така Словото на животот кое ослободува од секој страв и дава доверба во Божјата верност на никој да недостасува – рече на крајот Светиот Отец.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот