Велики Четврток – Спомен на Исусовата Последна вечера

Велики Четврток – Спомен на Исусовата Последна вечера

Во Катедралите, како матична црква на секоја бискупија, бискупот слави света Литургија со сите свештеници од бискупијата. Тогаш бискупот го благословува катехуменскиот елеј и за помазание на болните, а исто така го посветува и мирото.

По завршувањето на проповедта од страна на бискупот, свештениците ги обновуваат своите свештенички ветувања, кои ги имаат дадено пред ракополагањето, односно дека верно ќе ја извршуваат свештеничката служба.

На Велики Четврток навечер, на свечен начин се слави Евхаристија која се нарекува Миса Вечера Господова. Тоа е спомен на онаа вечер кога Исус за последен пат ја прослави еврејската Пасха со своите ученици, и тоа истовремено е денот кога ја воспостави светата Евхаристија, преку која христијаните на посебен начин ќе се препознаваат.

После Евангелието според Иван, во кое Исус ги мие нозете на учениците, самиот предводител на славењето ги мие нозете на дванаесет одбрани кандидати и така ги потсетува присутните дека евхаристијата е упатена на служење – братска љубов на сите христијани кои треба да ја прошират во светот.

Тогаш за последен пат бијат камбаните и свират оргулите. Повторно ќе се огласат на Воскресението. На крајот од славењето се зачувува Причест за утрешниот ден, Велики Петок.

Денес е ден во кој христијаниот треба да се подготви за празникот Воскресение и треба да влезе во длабока тишина во која ќе размислува за големината на Христовата жртва, жртвата коа Исус ја принесе за секој човек

к.мк

Категорија: Вера, Духовност

За авторот