Радосното искуство од Христовото Воскресение и со него поврзани надежта и верата во воскресението на секој оној кој се признава како Христов ученик, во раните времиња било силно нагласено не само во литургискиот живот на Црквата преку наредните 50 дена, до Педесетницата, туку и во секјодневниот живот на верниците. Во таа смисла, за жал, може да се забележи како денес, под влијание на комерцијализацијата, таинството на воскресението временски значително се скратило и посебно во пракса се сведело само на тродневното празнување на Велигден. Иако во јавниот живот во принцип нема да се зборува за велигденското таинство надвор од овој празничен период, како верници повикани сме оваа радост од Христовото воскресение и понатаму интензивно да го живееме преку целиот Велигденски циклус сѐ до празникот Духовден.
На тоа нѐ повикува текстот од Евангелието според Матеј (28, 8-15), кој ни го привлекува вниманието на основните разлики помеѓу оние кој ја откриле радоста на воскресното утро и оние кои целосно ја затвориле можноста да го прифатат Исуса како Воскреснат Господ преку кој светот е спасен. Така свети Матеј најпрво ни ги спомнува жените кои во неделното утро дошле да го видат Исусовиот гроб, и само што стигнале, им се појавил ангелот, го отстранил гробниот камен и им рекол дека Христос воскресна. Потоа жените радосно истрчале до учениците за да им ја пренесат веста дека Учителот е жив, а додека оделе, во пресрет им дошол и самиот Господ, ги поздравил и им рекол да им ја пренесат пораката на нивните браќа да одат во Галилеја, бидејќи таму ќе можат да го видат.
Исус ги поздравил со поздравот „Радувајте се (грч. Хаире)“ и ги повикал да ја заборават тагата заради страданијата и смртта на нивниот Учител и безгранично да се радуваат зашто Тој е жив. Таква надеж и таква радост треба да гори во секој верник, токму затоа што нашиот Бог е жив Бог, Бог кој се понизил до смртта на крстот, но и Тој кој ни ја отворил вратата на вечната радост. Таквата радост можат да ја осетат само оние кои целосно поверувале во Вистината која ни ја пренеле жените од воскресното утро и таквата радост не може да ја уништи никаква животна неволја.
Од друга страна, во истото евангелие Матеј зборува за оние кои ја отфрлиле радоста на откупувањетп, а станува збор за свештеничките старешини, за оние кои, за да би заштитиле и да би зачувале некоја нивна „вистина“, без никакво размислување, со лаги и измами ја отфрлиле Вистината и на тој начин останале затворени во нивниот свет на мрак и тага. Всушност, тие на војниците им дале многу пари со цел, и покрај вистината за која сведочеле, да излажат дека ноќе учениците го украле Христовото тело додека стражарите спиеле.
Тоа е сликата и на сите оние кои ниту денес, и покрај големиот број траги од Божјата љубов, не ја гледаат и не сакаат да ја видат силата и убавината на спасението кое за нас Христос го исполни со својата мака, својата смрт и своето воскресение. Тие не се и не можат да бидат радосни во целосна смисла на зборот, бидејќи се затворени во нивниот имагинарен свет во кој нема место ниту за Христос кој страда, ниту за Христос кој толку многу се понизува да го даде својот живот за нас, а тогаш ниту за Христос кој со своето воскресение ни ја отвора вратата на новиот живот и на нашето сопствено воскресение.
Овој велигденски ден заедно со свети Матеј така пред очите ни ја става силата на радоста, онаа радост преку која дознаваме дека сме спасени и во таа смисла нѐ поттикнува оваа радост да ја покажуваме преку целиот наш живот, а особено преку целото Велигденско време.
Вера и Дела/З.А.