Борба против ѓаволот – Папскиот Универзитет организира курс за егзорцистите

Консумеризмот, порнографијата, дрогата и телевизијата се главните причини за зголемување на бројот на барањата за егзорцисти во некои западни држави, тврдат егзорцистите собрани на семинарот кој се одржа од 13 до 18 април на Папскиот Универзитет „Реџина Апостолорум“ во Рим.

На десетиот по ред меѓународен курс за егзорцисти учествуваат околу 160 свештеници и лаици од целиот свет, а за време на предавањата презентиран е податокот дека „побарувањето’ за егзорцисти е сѐ поголемо. Така на пример во Велика Британија до пред неколку години само пола од бискупиите имаа службен егзорцист, додека денес имаат речиси сите бтирански бискупии.

– Не многу одамна, значителен број на верници не веруваа во постоењето на ѓаволот, но луѓето постепено се враќаат на Светото Писмо – вели еден англиски егзорцист од Бирмингем.

Италија исто така забележува значителен пораст на барањата за егзорцисти, заради што само во Миланската надбискупија бројот на егзорцистите се зголеми од пет на дванаесет. Исто така и Римската бискупија мораше да го зголеми бројот на егзорцисти – од пет на десет.

Според зборовите на отец Трукви, една третина од телефонските повици во римската бискупија е поврзана со барање за егзорцизам. О. Трукви е главен егзорцист во швајцарската бискупија Хур, а за време на својата служба вршел преку 100 егзорцизми.

Некои луѓе се ментално болни и не им е потребен егзорцизам, но на некои им е потребен. На тоа наведуваат одредени знаци, како на пример зборувањето на различни стари јазици. Додека други за време на опседнатоста имаат натприродна сила, па да кажеме дека една кревка жена сепак мора да ја придржуваат четири мажи. Во некои случаи некои луѓе може и да летаат – објаснува швајцарскиот свештеник, додавајќи дека секој егзорцист мора добро да ја познава психологијата. Токму тоа е и една од главните цели на курсот да им биде од помош на свештениците во разликувањето помеѓу демонската опседнатост и менталната болест.

– Ѓаволот навистина постои… Верувам дека оној кој не се соочил со оваа реалност има потешкотии да го прифати овој факт – вели во интервју за Радио Ватикан о. Бенињо Палила, егзорцист од Палермо. За време на интервјуто тој потсети како еден пријател, библичар, по учествувањето на еден егзорцистички чин му рекол: „Слушај, едно е да читаш за тоа во книгите, а друго е да се сретнеш со оваа реалност.“ Овој искусен италијански егзорцист го откри и најопасното оружје на ѓаволот:

– Најопасното оружје на ѓаволот не е опседнатоста, туку поттикнување на грев. Токму со гревот ѓаволот го опседнува човекот и го става под своја власт.

На оваа опасност често пати предупредуваше и папата Фрањо, кој исто така многу отворено и јасно зборуваше за ѓаволот.

– Ѓаволот постои, а ние мора да се бориме против него. Тоа го вели свети Павле, а не јас. Тоа е Божји збор – рече папата Фрањо во една од своите хомилии и ги потсети верниците дека христијанскиот живот е „радосна борба против искушението, против ѓаволот“.

Битно.нет/З.А.

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк
Категорија: Свет

За авторот