Папата Фрањо изрази тага и болка поради масакрот на цивилите во Буча за време на руската окупација на областа и го повтори повикот за прекин на војната во Украина. Тој го покажа знамето кое пристигна од Буча и поздрави група деца кои вчера пристигнаа од Украина. „Тешко е да се биде откорнат од својата земја поради војната“, рече Папата.
Размерите од масакрот на украинските цивили во Буча, недалеку од Киев, стануваат се појасни, а Папата на Генералната аудиенција во среда 6 април 2022 година изрази болка поради човечката трагедија што се случи додека руските трупи ја окупираа областа.
„Се случуваат сѐ повеќе и повеќе злодела, дури и врз цивили, жени и беспомошни деца. Тие се жртви чија невина крв вика до небо и проколнува“.
Светиот Отец го повтори апелот да се стави крај на војната во Украина. „Нека заврши оваа војна! Оставете го оружјето да молчи. Престанете да сеете смрт и уништување“.
Тој исто така повика на момент на молитва во тишина како би се помолиле на Бога за таа накана. Светиот Отец рече дека во вторникот го примил знамето од Буча, а потоа го раширил избледеното знаме и го подигнал за сите да го видат. Тоа знаме, рече Папата, „дојде од војната, од маченичкиот град Буча“.
Тој додаде дека во салата на Павле VI. се присутни неколку деца од Украина, а тој ги повика да му се придружат на бината. „Овие деца мораа да бегаат, дојдоа во друга земја. Ова е еден од плодовите на војната. „Да не ги заборавиме и да не заборавиме на украинскиот народ.
Откако ги упати децата да се вратат во своите места, папата Фрањо истакна дека е тешко да се биде „откорнат од корените на својата земја“.
Папата Фрањо веќе на прес-конференција по враќањето од Малта зборуваше за масакрот во Буча, за што му соопшти новинар. „Војната е секогаш суровост, нечовечка работа, која се коси со човечкиот дух, не велам христијански, велам човечки“, рече тогаш тој. „Тоа е духот на Каин“, додаде Светиот Отец.
Папата им се заблагодари на полските верници присутни во салата Павле VI и на оние кои ја следеа аудиенцијата преку медиумите, за духот на прифаќањето што го покажуваат на украинските бегалци, кои според последните проценки се околу 3 милиони.
Ватикан њуз/к.мк