Божиќна честитка на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија до духовенството и верниците на Скопска бискупија и Апостолскиот егзархат во Македонија

Ден пресветол ни осамна: дојдете, народи, поклонете се на Господа, зашто денес слезе на земјата светлина голема

 Драги браќа свештеници, чесни сестри, браќа и сестри во Христа!

Божик е. Ден кој секоја година нѐ воведува во прославата, а воедно и доживувањето на еден од темелните таинства на нашата вера. Воплотување и раѓање на Спасителот, Исус Христос. Тоа е чин на обнова на нашата вера, а на посебен начин на заедништво како во Семејствата така и со секоја монашка и парохиска заедница. Ден е тоа кога на посебен начин Бог ни се приближува со дарот на радоста и дарот на мирот во нашиот секојдневен – често тежок живот – и го прави барем малку поубав и посреќен. Сепак, како верници сме свртени кон оние привлечно надворешни, декоративни, манифестативни и потрошувачки начини на славење Божик и предизвикани сме да ги прославиме тие празници со повеќе радости на внатрешен мир и со силна порака: не, Божик не е празник на потрошувачи, туку празник на Божји пријатели кои својот став кон Бога и човекот сакаат да го учат од Витлеемската пештера. Сакаме Христос да го прифатиме во едноставноста на верата кај пастирите, во Богопочитувањето на Дева Марија, и во служењето на свети Јосиф, со еден збор потонати во доживувањето на верата сакаме да влеземе во заедништвото на светото Семејство и да ги примиме тие дарови кои, како луѓе на верата ни ги дарува Бог. Повикани сме да дојдеме и да му се поклониме на Господа кој не се облече во пурпур, туку на себе облече наша човечка природа осиромашена и со самото сместување кое е во штала и лежиштето кој е во јаслите. Ако Тој влезе во историјата на најсиромашните меѓу сиромашните очигледно дека ниту денес не сака да биде богат. Нас верниците, а пред сè свештениците нè повикува во тоа служење во неговото сиромаштво и скромност. Над настанот на Неговото раѓање се отвори небото и светлината слезе на земјата – голема светлина. Забележуваме колкава темнина е во луѓето околу нас, колкава е побрканоста на човечките вредности дури и оние христијански, колкава е несигурноста на животот, неизвесноста на мирот и колкава е несигурноста за било каква иднина, на поединци, семејства но и на човештвото. Загриженоста и несигурноста е голема. Но ние не сме повикани тоа само да го гледаме, туку на посебен начин повикани сме на тие факти и да одговориме. Исусовото раѓање е одговор на сите тие стравови, грижи и тешкотии на нашите современици.

Ве поттикнувам овогодишниот Божик да го прославиме во поголема светлина отколку досега. Овој е голем ден кого пророкот го нарекува пресветол ден. И покрај одот на луѓето во темнината кои се нишаат и бараат излез од своите тешкотии никој не може да им го покаже патот туку само Христос кој тој пат – ослободување од тешкотиите – го помина со сопствениот живот. Тоа е наша сила. Папа Фрањо нè предупредува да се биде христијанин најнапред значи да се оди за Христос и со Христос. Неговиот пат е познат, тој е тесен и напорен. Ако сакаме да бидеме надеж на нашите современици мораме да отидеме за Христос по тој пат. Витлеем е првата постојка, а Калварија врвот. Свети Ероним во една химна пее како во Витлеем – каде тој светец живееше и почина – слуша плач на Дете. Тоа се солзи на Спасението, а не на очајот и безнадежта.

Ви посакувам, браќа и сестри, време и сила, можеби подолго, а секако подлабоко да потоните во размислување и медитирање за настанот на спасението кое го славиме. Да се облечеме во светлина како вели апостол Павле и да постанеме знак за нашите современици за да им се исполни во Христос очекувањето и надежта што не може да им исполни ни едно ветување или лажна илузија.

Додека со вас молам, празнувам и се радувам на сите благодарам за секој допринос на христијанското заедништво на овие наши простори и сакам, иако не сме ѕвезда водителка, да бидеме барем мала ѕвезда запалена на Божиќното небо.

Среќно и благословено Рождество Христово – Христос се роди – ви посакува и ве благословува ваш бискуп/владика

+ Киро Стојанов

Категорија: Македонија

За авторот