Битта на светоста (3. дел)
Светоста и љубовта
Во својата книга „Христијанска духовност“ (Кrščanska Duhovnost, Љубљана 1980, за споредба стр. 139-144) Франц Оражем, ќе запише: – Колку човекот е веќе тука на земјата повеќе во љубовта здружен со Христос толку со него ќе биде соединет и во вечноста. Свети сме толку колку ја имаме во себе развиено даруваната ни божествена крепост на љубовта.
Пак ќе се вратам на св. Павле: „Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидат бакар, што ѕвони, или кимвал, што ѕвечи.
Да имам пророчки дар и да ги знам сите тајни, да ги имам сите знаења за сите работи, а и така силна вера, што и планини да преместувам, – ако љубов немам, ништо не сум.
И да го раздадам цилиот свој имот, да позволам телото да ми изгори, – штом љубов немам,ништо не ми ползува“ (1 Кор.13,1-3).
Значи кога љубов нема се друго ни е ништо. Степенот на светоста пред се зависи од големината на љубовта спрема Бог и ближниот. Со тоа не сакам да кажам дека сите други крепости за човекот во одот кон светоста се без вредни.
Љубовта нас не соединува со Бог, кој е љубов. Чинот на крштение нас не направи да бидеме поврзани со Бог, тој надприроден чин преку љубовта се продлабочува се повеќе. Силата на љубовта се изразува во делата кон Бога и поради Бог спрема ближниот. Посвет е оној кој со повеќе вистинска љубов ги извршува делата на љубовта. Се разбира, потполната љубов и светост ќе биде можна дури во вечноста, која сега ја спречува нашата грешност, бидејќи гревот е најголема пречка на љубовта. Нема светост без претходно обраќање.
Бидејќи непрестано паѓаме во мали гревови, барем во оние не сосема доброволни, мораме непрестано да се обраќаме. Подлабоко поврзување со Христа не е можно додека сме врзани со гревови, па иако се тие мали.
Краткото размислување за Светоста и љубовта, покрај со мислите на – Антон Надрах, односно неговото дело „Смислата на посветениот живот“ и Франц Оражем во „Христијанска духовност“, сакам да го заокружам со мислата на дон Луиџи Џусани, кој цитирајќи го Пол Клодел, вели: „Зарем целта на живот е да се живее? (…) Не да се живее, туку да се умре… и со веселба да го дадеме она што го имаме. Во тоа е милоста, слободата, радоста, вечната младост!“ Ако тоа е присутно, барем како начело, како грижа, ние сме христијани.
Инаку, можеме да правиме многу работи, но нивната воспитна плодотворност нема да ги има христијанските димензии. Може да биде разумен аскетизам или прегорувачка, великодушна и човекољубива служба, но нема да ја има длабоката физиономија на христијанскиот чин.
Изненадени сме и збунети читајќи го XIII поглавје на Првото послание до Коринтјаните, каде што св. Павле вели дека некој може дури и да умре за другите а да нема љубов, значи, ништо не вреди: односно, кога некој се жртвува за да ја потврди својата идеја или да ги задоволи своите чувства, а не заради предаденоста кон Битието кое му доаѓа во пресрет; кога некој она што го има – дури и животот, го дели со другите а тој самиот и да не се зближи вистински со нив; кога некој ќе отфрли се, а притоа да не се изгуби самиот себеси (ЛУИЏИ ЏУСАНИ – ТРАГОВИ НА ХРИСТИЈАНСКОТО ИСКУСТВО стр.17-18).
Ќе го земан за пример Мартин Бубер (Martin Mordechai Buber), високо школуван човек, од богато семејство, еврејско потекло, син на преобратени но не верници родители, пишувал фантастични дела кои не го правеле среќен ниту му давале задоволство, зашто внатре не го ставал Бог туку себе. Тој, свестувајќе се на таквата своја состојба ќе го запише примерот на раби Мендел од Риманов, кој вели: Сите луѓе кои доаѓаат кај мене ми поминуваат низ умот додека тихо ги молам осумнаесете благословени молитви.
На еден кој многу се чудел додека тоа му го говорел, рабинот Мендел му рекол: – Неволјата на секој човек ми останува врежена во срцето. Во време на молитвата го отварам срцето и велам: „Господаре на светот, читај што тука пишува!
-продолжува-
д-р Зоран И. Стојанов