Битта на светоста (2. дел)

„Како и Светиот Кој ве повика, бидете и самите свети во сето свое поведение, зашто е напишано: “Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.” (1 Пт.1,15-16)

– Oвој повик, пренесен од св. Петар во неговото Прво послание е добра основа врз која Вториот Ватикански собор во декретот Presbyterorum Ordinis (за Свештеничките Задачи), ќе предаде: „Преку чинот (ракополагањето) презбитерите се уприличуваат на Христос Свештеникот со цел како службеници на Главата, да го покренуваат и изразуваат целото негово Тело, кое е Црквата, и тоа како соработници на епископскиот чин“ (PO 12). Продолжуваат Концилските Отци, водени од посланието на св. Павле до Коринтјаните 12,7-9 (А на секого му се дава во него да се појави Духот на полза; оти, на еден му се дава преку Духот збор на мудрост, на друг – збор на знаење, преку истиот Дух; на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дар на лекување, преку истиот Дух…): „Веќе од самото крштение, и тие, како и другите христијани-верници, примиле белег и дар на така возвишениот повик и милоста што и покрај сета човечка слабост можаат и мораат да тежнеат за совршенството кон Господовите зборови (PO 12): ’Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен‘(Мт. 5,48). „Свештениците се должни да тежнеат кон ова совршенство со посебна причина оти они – бидејќи оние кои го примиле чинот се посветени на Бога на нов начин – стануваат живо орудие на Христа Вечниот Свештеник, за да можат преку вековите да го продолжат неговото чудесно дело кое со божествената ефикасност ја обнови сета човечка заедница“(PO 12).

Ако поставувајќи си го прашањето – кога христијанинот е свет? Го вметнеме одговорот, дека човекот може да биде само толку свет колку е учесник во Христовата светост, зашто он е извор и модел (узор) на светоста. Тогаш станува едноставно и разбирливо дека сме свети колку сме здружени со Христос. Исус, е лично или поради личното (ипостасно – υποστατικές) соединување на Божјата и човечката природа во една божествена личност е свет на посебен начин. Него „Отецот го посвети и прати во светот“ (Иван, 10,30).

Уште во Стариот завет, ја имаме наредбата Божја, упатена кон Израелците: „Бидете свети, зашто Јас сум свет“ (Левит 11,45). Ја гледаме поврзаноста на Новиот со Стариот завет, и св. Петар се повикува на ова во погоре спомнатиот текст. Сосема е сигурно дека ниту едно создание неможе да го достигне Христа во Троединиот Бог. Наследувајќи го човекот може да дојде само до некоја трошка светост. Но на тој пат на човекот му е потребна Божјата помош. Кон светоста водат различни патишта, секој мора да го изврши нацртот кој Бог го има со него.

Тука сакам да се сопрам со едно секојдневно прашање кое јас си го поставувам: Како ќе се спасам, ако не сум достоен ниту еден ден да бидам свет, грешам и уште полошо ги повторувам истите грешки. Многу често за утеха си го земан едно јудајско, или како ние го нарекуваме еврејско предание, кое вели: – Еден крал имал во дворецот, голема, огромна, длабока – многу длабока јама, како провалија, на која не можело да и се види дното. Повикал еден Божји ден многу надничари за да ја наполнат дупката со земја.

Дел од нив откако добро ја разгледале јамата, видувајќи ја нејзината бесконечна длабочина, незрело рекле: – Како може да се наполни една толку длабока јама! – и ја напуштиле работата.

Останатите или паметните размислувале поинаку: па што ако е толку длабока, нас тоа не нé интересира. Ќе добиеме дневница и затоа сме среќни што имаме работа. Вршејќи ја својата должност ќе ја наполниме толку колку можеме.

Завршува ова еврејско предание со силна поука.

 Така човекот нека не вели: Како е неизмерен Божјот закон! Подлабок е од морето! Колку прописи! Како сите да се извршуваат?

Бог му вели на човекот: – Ќе примиш плата за денот! Обавувај си ја должноста, работи колку можеш – и не мисли на друго!

 Милосна светост

Милосната светост, е за споредба како и другите харизми кои се примат, значи како што харизмите се поединечно поделени така и светоста во својата милосна дарба е поделена секому посебно. Би можеле да кажеме дека: во суштина е само една светост, која има свој конечен основач (утемелител) – Исус Христос. Св. Павле во посланието до Ефесјаните ќе подвлече дека: „ Едно тело сте и еден Дух, како што сте и повикани кон една надеж на вашето звање.

  Еден е Господ, една е верата, едно е крштавањето,

   еден е Бог и Отец на сите, Кој е над се, и преку сите, и во сите нас.

   А на секого од нас благодатта му е дадена според мерката на дарот Христов.

  Затоа е и речено: “Издигајќи се на височина, плени плен и им даде дарови на луѓето”.

  А што означува “издигајќи се”, ако не тоа дека Он слезе пред тоа во најдолните места на земјата.

 Слегнатиот е Истиот, Кој се издигна повисоко од сите небеса, за да се исполни се.

 И Он постави едни за апостоли, други за пророци, трети за евангелисти, четврти за пастири и учители, за усовршување на светиите во делото на служењето, за изградување на Христовото тело, додека сите не стигнеме до единството во верата и познавањето на Синот Божји, до состојба на совршен човек, до мера на полната воздрас на Христовото совршенство“ (Еф.4,4-13). За христијаните постои само една светост и поради тоа што се исти главните помагала за нејзино достигнување. Нам светост ни е единствено она што во христијанинот причинува во него присутниот Дух.

Во ова Година на Семејството, сигурно започнавме со она што за христијанинот започнува светоста, т.е крштението и миропомазанието. Тајни над кои размислувавме во време на Великиот пост. Во посланието до Корнтјаните св. Павле ќе рече: „И така, кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина; ете, се стана ново“ (2 Кор. 5,17). Тој во посланието до Римјаните крстените ќе ги повика: „така и ние одиме во обновен живот“ (Рим.6,4). Во Христа живееме за Бога. Божји деца сме, родени сме од Бога.

Колку тоа на прв поглед да ни изгледа како фраза, сепак свештеникот, треба секогаш да биде свесен дека е двојно изложен на ѓаволските искушенија или непријателства: поради службата во која е воведен. Воведен од епископот, но по сопствен избор. Отука нема друг излез туку борба. Борба за светост.

Светоста во свештеникот, се разбира и во секој христијанин не е нешто надворешно (многу подобро тоа го одсликува зборот кој го користиме во голем дел на Македонија– вонкашност), зашто го менува неговото битие, му дава сила, душата му ја оспособува со надприродни дела. Навраќајќи се на св. Павле, ќе прочитаме: „Сите оние, кои ги води Божјиот Дух – се Божји синови“ (Рим.8,14). А сите ние го имаме примено Светиот Дух преку милоста на крштението и миропомазанието, со таа милост е втемелена и светоста. Таа милост е како семе кое мора да ја развие својата внатрешна животна сила. Потребно е предание во водењето од Светиот Дух.

Даровите кои ги примаме преку милоста (од Бога) постапуваат според нашата подготвеност и отвореност кон нив. Свештеникот е должен самиот да оди во напредокот на тој пат, но во исто време и да биде патоказ за браќата да напредуваат во патот на светоста. Така се станува се повеќе деец на тој Божји живот.

-продолжува-

д-р Зоран И. Стојанов

Битта на светоста (1.  дел)

Битта на светоста (3. дел)

За авторот