Битта на светоста

„Како и Светиот Кој ве повика, бидете и самите свети во сето свое поведение, зашто е напишано: “Бидете свети, бидејќи Јас сум свет.” (1 Пт.1,15-16)

– Oвој повик, пренесен од св. Петар во неговото Прво послание е добра основа врз која Вториот Ватикански собор во декретот Presbyterorum Ordinis (за Свештеничките Задачи), ќе предаде: „Преку чинот (ракополагањето) презбитерите се уприличуваат на Христос Свештеникот со цел како службеници на Главата, да го покренуваат и изразуваат целото негово Тело, кое е Црквата, и тоа како соработници на епископскиот чин“ (PO 12). Продолжуваат Концилските Отци, водени од посланието на св. Павле до Коринтјаните 12,7-9 (А на секого му се дава во него да се појави Духот на полза; оти, на еден му се дава преку Духот збор на мудрост, на друг – збор на знаење, преку истиот Дух;на еден – вера, преку истиот Дух; на друг – дар на лекување, преку истиот Дух…): „Веќе од самото крштение, и тие, како и другите христијани-верници, примиле белег и дар на така возвишениот повик и милоста што и покрај сета човечка слабост можаат и мораат да тежнеат за совршенството кон Господовите зборови (PO 12): ’Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен‘(Мт. 5,48). „Свештениците се должни да тежнеат кон ова совршенство со посебна причина оти они – бидејќи оние кои го примиле чинот се посветени на Бога на нов начин – стануваат живо орудие на Христа Вечниот Свештеник, за да можат преку вековите да го продолжат неговото чудесно дело кое со божествената ефикасност ја обнови сета човечка заедница“(PO 12).

Ако поставувајќи си го прашањето – кога христијанинот е свет? Го вметнеме одговорот, дека човекот може да биде само толку свет колку е учесник во Христовата светост, зашто он е извор и модел (узор) на светоста. Тогаш станува едноставно и разбирливо дека сме свети колку сме здружени со Христос. Исус, е лично или поради личното (ипостасно – υποστατικές) соединување на Божјата и човечката природа во една божествена личност е свет на посебен начин. Него „Отецот го посвети и прати во светот“ (Иван, 10,30).

Уште во Стариот завет, ја имаме наредбата Божја, упатена кон Израелците: „Бидете свети, зашто Јас сум свет“ (Левит 11,45). Ја гледаме поврзаноста на Новиот со Стариот завет, и св. Петар се повикува на ова во погоре спомнатиот текст. Сосема е сигурно дека ниту едно создание неможе да го достигне Христа во Троединиот Бог. Наследувајќи го човекот може да дојде само до некоја трошка светост. Но на тој пат на човекот му е потребна Божјата помош. Кон светоста водат различни патишта, секој мора да го изврши нацртот кој Бог го има со него.

Тука сакам да се сопрам со едно секојдневно прашање кое јас си го поставувам: Како ќе се спасам, ако не сум достоен ниту еден ден да бидам свет, грешам и уште полошо ги повторувам истите грешки. Многу често за утеха си го земан едно јудајско, или како ние го нарекуваме еврејско предание, кое вели: – Еден крал имал во дворецот, голема, огромна, длабока – многу длабока јама, како провалија, на која не можело да и се види дното. Повикал еден Божји ден многу надничари за да ја наполнат дупката со земја.

Дел од нив откако добро ја разгледале јамата, видувајќи ја нејзината бесконечна длабочина, незрело рекле: – Како може да се наполни една толку длабока јама! – и ја напуштиле работата.

Останатите или паметните размислувале поинаку: па што ако е толку длабока, нас тоа не нé интересира. Ќе добиеме дневница и затоа сме среќни што имаме работа. Вршејќи ја својата должност ќе ја наполниме толку колку можеме.

Завршува ова еврејско предание со силна поука.

 Така човекот нека не вели: Како е неизмерен Божјот закон! Подлабок е од морето! Колку прописи! Како сите да се извршуваат?

Бог му вели на човекот: – Ќе примиш плата за денот! Обавувај си ја должноста, работи колку можеш – и не мисли на друго!

-продолжува-

о.д-р Зоран И. Стојанов

Битта на светоста (2 дел)

Битта на светоста (3. дел)

За авторот