Бискупските конференции и совети повикуваат на еколошко преобраќање

Бискупските конференции и совети повикуваат на еколошко преобраќање

Бискупските конференции и совети од Азија, Африка и Латинска Америка (FABC, SECAM и CELAM), заедно со Папската комисија за Латинска Америка, објавија заеднички документ во кој упатуваат повик за климатска правда и еколошко преобраќање, во пресрет на Конференцијата за климатски промени на Обединетите нации – COP30, што ќе се одржи во ноември во Бразил.

Регионалните бискупски тела, во координација со Папската комисија за Латинска Америка, упатија заедничка порака со наслов: „Повик за климатска правда и заеднички дом: еколошко преобраќање, преобразба и отпор за лажните решенија“, која беше претставена на 1 јули 2025 година, на прес-конференција во Канцеларијата за печат на Светиот Престол. Документот претходно беше предаден и на Папата Лав XIV.

Во документот се истакнува посветеноста на Црквата за климатската правда и се повикуваат нациите и владите на итна акција, во духот на енцикликата „Laudato Si’“, која годинава одбележува 10 години од објавувањето.

„Нашата порака не е дипломатска, туку пасторална – повик на совеста пред систем што се заканува да го проголта создадениот свет, како да е роба“, рече кардинал Филипе Нери Ферао, надбискуп на Гоа и Дамао и претседател на Федерацијата на азиските бискупски конференции (FABC).

На прес-конференцијата говореа и кардинал Хаиме Шпенглер, надбискуп на Порто Алегре и претседател на бразилската бискупска конференција (CNBB) и Советот на латиноамерикански и карипски бискупи (CELAM); кардинал Фридолин Амбонго Бесунгу, надбискуп на Киншаса и претседател на Советот на бискупските конференции на Африка и Мадагаскар (SECAM); како и Емлисе Куда, секретар на Папската комисија за Латинска Америка.

„Како мисионери на една синодална Црква во движење, ќе присуствуваме на COP30 со цел да градиме мир во свет, кој се распаѓа од ударите на климатската војна, каде што веќе умираат, и ќе умираат уште повеќе, ако не дејствуваме сега“, рече Куда. „Тоа го правиме затоа што, како што истакнува Папата Лав XIV, Црквата секогаш настојува да биде блиску – особено до оние што страдаат.“

Глас од Амазон, Африка и Азија

Кардинал Шпенглер зборуваше од перспектива на Латинска Америка: „Го издигнувам мојот глас како глас на амазонските народи, на мачениците на земјата – или на климата – и на крајбрежните, домородните, афроамериканските, селските и урбаните заедници.“ Тој предупреди на итната потреба за промени во начинот на живот, производството и потрошувачката, критикувајќи го „маскирањето на економските интереси под имиња како ‘зелен капитализам’“ и предупреди на опасноста од „финансијализирање на природата“.

Кардинал Амбонго, пак, зборуваше во име на Африка – континент осиромашен од вековно ропство, експлоатација и екстрактивизам: „Трката по минерали предизвикува ширење на вооружени групи и уништување на локалните заедници. Африка сака да даде свој придонес за иднина на правда и мир, но вели: доста е со лажните решенија и со политиките што ги игнорираат гласовите на оние што се на првата линија на климатската криза.“

Кардинал Ферао, говорејќи за Азија, истакна: „Милиони веќе ги чувствуваат последиците од климатските промени – тајфуни, миграции, губење острови, загадени реки. А додека тоа се случува, напредуваат т.н. ‘лажни решенија’: огромни инфраструктурни проекти, иселувања за ‘чиста’ енергија, без почит кон човечкото достоинство, и рударење во име на зелените батерии.“

Тој нагласи дека богатите земји мора да го признаат својот еколошки долг и да престанат да го зголемуваат долгот на Глобалниот Југ. Црквата, пак, промовира конкретни алтернативи: образовни програми, нови економски модели и придружба за жените и девојките – кои се меѓу најпогодените од климатските промени.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот