Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монс. Киро Стојанов по повод именувањето на монс. Фабијан Свалина за бискуп коадјутор на Сремската бискупија на 8 октомври 2021 година упати честитка, која ја пренесуваме во целост.
Почитуван и драги новоименувани бискупе монсињор Свалина,
Со голема радост ја примив веста со која Светиот Отец папата Фрањо ја искажа својата доверба кон Вас и Ве вбори во бискупскиот збор, именувајќи Ве за бискуп коадјутор на славната Сремска бискупија.
Ви честитам на именувањето во мое лично име, како и во име на сите свештеници, монашки заедници и верниот народ во Струмичко – скопската епархија и Скопската бискупија со желби Божјиот благослов да Ве прати во сите пастирски предизвици, кои ќе ги имате во новата служба. Светиот Дух нека Ве води и нека Ви отвори уште поголеми хоризонти за Вашата бискупска служба.
Како Црква во Македонија можевме да ја доживееме Вашата близина и конкретна поддршка и затоа цврсто се надевам дека Вашата ревност во служењето на сите нивоа ќе бидете благослов и за новата бискупија, каде што сега Ве праќа Божјата провидност.
Црквата во Македонија и Сремската бискупија се посебно поврзани преку почитувањето на Свети Димитриј и затоа нашите молитви за Вашата натпастирска служба ги упатуваме до него, до света Мајка Тереза и Пресвета Дева Марија, молејќи од нив милости за Вас, духовенството и на народот кој ти е доверен.
Со искрени честитки и молитви, братски Ве поздравувам,
+ Киро
Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх