По повод три години од смртта на монсињор Антун Циримотиќ, долгогодишен директор на Македонски Каритас и на Радио Марија, на 28 октомври 2023 година бискупот Стојанов служеше света заупокојна Литургија во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје во сослужение на о. Винко Маслаќ, катедралниот парох, о. д-р Зоран И. Стојанов, директор на Македонски Каритас, о. Марјан Ристов, бискуписки канцелар и економ, о. Томаш Бак, парох во Куманово и Битола, о. Томислав Руковина, капелан.
На Литургијата присуствуваа чесните Сестри Евхаристинки на чело со својата провинцијалка, с. Бернардина Сирачева, Сестрите на Света Мајка Тереза и Сестрите Усмиленки, голем број верници, пријатели и познати на монсињор Циримотиќ, како и неговите внуци со своите семејства од Хрватска и Германија.
Бискупот Стојанов во својата проповед се осврна на светото Евангелие каде Исус ги повикува првите свои ученици. Кога решил да ги избере дванаесетте апостоли, цела ноќ ја поминал во молитва. После тоа го направил она што одлучил во текот на молитвеното бдеење. Всушност од молитва преминал на дело, на акција по ноќта помината во молитва. Со тоа покажува дека не е обичен рабин кај кого учениците сами доаѓаат. Неговите ученици не го избираат Него, туку Тој ги избира нив. Тој за тоа зборува со својот Отец. Ова покажува колку е важна молитвата за нашиот живот и за нашата комуникација со Бога. Колку поплодни би биле нашите постапки, работа и апостолат кога би се молеле повеќе, доколку навистина сме вдановени од молитвата, рече бискупот Стојанов.
Таков беше нашиот монсињор, Антун Циримотиќ, избран од Бога, слушнавме, не ние, туку Исус ги бира своите ученици, целосно се предаде во служба на Бога и Божјиот народ, неговото разбирање кон сиромашните, за нас честопати неразбирливо, беше негова карактеристика, ја исполнуваше Божјата волја, беше човек на молитва, човек целосно предан на Црквата, дури и кога го обзеде тешка болест и телесна немоќ, а во недостиг на свештеници, правеше силни напори Божјиот народ да не остане без света Евхаристија.
Нека Милостивиот и милосрден Бог му биде утеха и радост во своето Царство и го обдари со вечен живот.
На светата Литургија пееше Катедралниот хор под диригенство на маестро Јулија Неловска.
к.мк