Во сабота 1 јуни 2024 година во Катералата „Свети Иван Непомук“ во Зрењанин Скопскиот бискуп и Струмичко -скопски епарх монс. Киро Стојанов сослужуваше на бискупската хиротонија и преземање на службата на новоименуваниот Зрењанински бискуп Мирко Штефковиќ. Епископот Стојанов го придружуваше катедралниот капелан патер Томислав Рукавина.
Главен посветител беше Белградскиот надбискуп и митрополит Ласло Немет, претседател на Меѓународната бискупска конференција Свети Кирил и Методиј, а сопосветители беа Апостолскиот нунциј во Република Србија, надбискупот Санто Роко Гангеми и Сремскиот бискуп Фабијан Свалина.
На хиротонијата присустваа голем број надбискупи, бискупи и свештеници од регионот, претставници на бискупски конференции, провинцијали, бискупски делегати и генерални викари, поглавари и претставници на монашките заедници, претставници на црквите и верските заедници во Република Србија и претставници на граѓанските власти.
Монсињор Мирко Штефковиќ е роден на 24 септември 1977 година во Таванкут во Суботичката бискупија. Завршил бискупска класична гимназија во Паулинум во Суботица. Студирал филозофија на Папскиот универзитет Урбанијана и теолошки студии на Папскиот универзитет Грегоријана во Рим.
За свештеник е ракоположен на 29 јуни 2004 година. По враќањето во Суботичката бискупија, по една година пасторална работа, во 2006 година се стекнува со лиценцијат од областа на фундаменталната теологија на Грегоријанскиот универзитет.
Служел како ѓакон (2003-2004 година), ја извршувал службата бискупски секретар и архивар на бискупската канцеларија (2006-2021 година), церемонијал, главен уредник на католичкиот весник „Ѕвоник“, портпарол на бискупијата (2007-2016 година) и бискупски економ (од 2021 година).
Во Меѓународната бискупска конференција Свети Кирил и Методиј ја извршува должноста помошен секретар (2010-2015 година) и Генерален секретар (2016-2021 година).
Се служи со хрватски, српски, унгарски, италијански, германски и англиски јазик.
к.мк