Бискупот Стојанов на празникот Мала Богородица служеше Света Литургија за денот на Татковината
Бискупот Стојанов на 8 септември 2021 година во Катедралата „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје служеше Понтификална свeта Миса по повод празникот Раѓање на Пресвета Богородица, а воедно и за Татковината, бидејќи се слави и Ден на независноста на Македонија. Со бискупот Стојанов сослужуваа о. Марјан Ристов, канцелар и дон Давид Трујило, капелан и парохиски администратор во Битола.
Во својата пригодна проповед бискупот Стојанов најпрво зборуваше за празникот Мала Богородица – Раѓање на Пресвета Дева Марија, а потоа и за Раѓањето на независноста на Македонија при што рече:
Браќа и сестри! Нашата духовна мајка, Блажена Дева Марија нѐ набљудува нас нејзините деца од небото, се грижи за нашето спасение, за нас се застапува кај Бога и чека да дојдеме кај неа. На нејзиниот роденден ние со задоволство се сеќаваме на неа – радосни за нејзиното раѓање, благодарни што го прифати физичкото мајчинство на нашиот Спасител, бидејќи само така можеше да стане наша духовна мајка. Таа го роди Исус за човечки земен живот за да можеме ние да се родиме за живот на небото. Затоа денес, на нејзиниот роденден, нашата радост за нејзиното раѓање нема крај како што и нашата благодарност кон неа нема мерка.
Драги браќа и сестри, не чудете се што Католичката црква така сериозно гледа на улогата на секој поединец – граѓанин, на секоја власт – одговорност – бидејќи без дом нема татковина, а без татковина нема интегритет на здрави човечки личности. Зачудува и восхитува вистината дека Исус Христос стана човек во конкретен народ – Израелскиот народ, имаше татковина која ја љубеше, а тоа е Израел, беше горд на тој факт и жалостен при паѓањето на својот народ. Го воплоти и навести Евангелието кое апсолутно го намени за целиот свет, а сепак го навестуваше од контекст конкретен на својот народ, своето време и својата татковина. Потресна е сцената кога Исус плаче над својот сакан град Ерусалим: „ колкупати сакав да ги соберам чедата свои, како квачка пилињата свои под крилја, но не сакавте“. Нашата Македонија градена е на темелите на Европската култура и цивилизација во поголемиот дел на христијанските вредности да си замислиме дали Исус денес би плачел над историјата на Македонија. Оваа средба сака да ги избрише тие солзи и затоа молиме за својата Татковина. Како независноста на Македонија по некоја случајност се родила на роденденот на нашата небесна Мајка Дева Марија нека таа се застапува за нас нејзините деца пред Бога, а Божјиот благослов сите нас нека нѐ прати и обдари со мир, слога и меѓусебно разбирање, истакна бискупот Стојанов.
За време на светата Литургија пееше катедралниот хор под водство на диригентката маестро Јулија Нелковска.
Ватикан њуз/к.мк