Бискупот Стојанов и Апостолскиот нунциј Суриани посетија парохии и установи на Католичката црква во Македонија
На 23 ноември 2023 година Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх монсињор Киро Стојанов го запозна Апостолскиот нунциј во Македонија монс. Лучијано Суриани со животот и активностите на Црквата во Македонија, посетувајќи неколку парохии и црковни установи.
Прва дестинација беше парохијата „Успение на Пресвета Богородица“ – Нова Маала, каде беа примени од парохот отец Ѓорги Динов, а потоа ја посетија парохијата „Свети Димитриј“ и „Свети Ѓорги“ – Сарај/Чанаклија, како и Едукативниот центар на Македонски Каритас во Сарај (општина Босилово), каде парохот и координатор на центарот отец Ванчо Назов го запозна Апостолскиот нунциј со животот на парохијата и активностите во Едукативниот центар.
Во Струмица, епископот Стојанов и Апостолскиот нунциј Суриани најпрво ја посетија катедралата „Успение на Пресвета Богородица“ – Струмица, каде беа примени од катедралниот парох отец Спасо Ристов и капеланот отец Трајче Ташев. При посетата на парохијата „Раѓање на Свети Иван Крстител“ – Струмица и Радио Марија отец Гоце Костов, парох и директор на радиото го запозна Апостолскиот нунциј за пасторалните активности во парохијата, како и за работата, програма и посланието на Радио Марија.
Во касните попладневни часови бискупот Стојанов и Апостолскиот нуцниј Суриани посветија време и за посета на македонското национално светилиште во Паљурци, парохијата „Свети Кирил и Методиј“ во Богданци, каде беа примени од парохот отец Тома Ангелов, како и манастирот на сестрите Евхаристинки и црквата „Свети Петар и Павле“ во Гевгелија, каде срдечно беа пречекани од сестрите и парохот Ристо Самарџиски.
Ватикан њуз/к.мк