Бискупот Стојанов го предводеше Пасхалното тродневие во катедралата во Скопје
Во концелебрација на свештеници од Скопската бискупија и Апостолскиот егзархат Н.В.П. д-р Киро Стојанов ја предводеше свечената света Литургија на Вечерата Господова на Велики Четврток со што започна пасхалното тродневие. Како што е веќе традиција во катедралата во Скопје, бискупот го изврши обредот миење на нозе на дванаесет апостоли, симболично претставувани од 12 верници од скопската парохија Пресвето Срце Исусово. После завршувањето на светата Литургија со свечена процесија Пресветото Причастие беше пренесено во помошната капела каде верниците можеа да се молат и да го обожаваат Пресветата Олтарска Тајна.
На Велики Петок обредот на маката Господова исто така беше предводен од Н.В.П. д-р Киро Стојанов, којшто започна после молењето на Крстниот пат, на кој присуствуваа мноштво верници. Обредот се состоеше од три дела: служба на Словото, откривање и поклонување на Светиот Крст и света Причест. Пригодна проповед на овој ден упати скопскиот катедрален парох дон Давор Топиќ.
Воскресната свечена Архиерејска Света Литургија ќе започне традиционално во сабота во 21:00 и ќе биде директно пренесувана од МРТВ.
к.мк/С.С.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцјата на Католици.мк